Паркирани дел од приватните автобуси - Градот им должи половина милион евра
Приватните автобуси со број 19, 20, 22, 52 и 54 денеска не возат по скопските улици, а неизвесно е и кога ќе се вратат во сообраќајот. ЈСП должи околу 30 милиони денари на приватниот превозник Макекспресс, и се дури не им ги исплати, овие 5 линии кои ги возат приватните автобуси до Волково, Шуто Оризари, Идризово и с. Ржаничино нема да сообраќаат. Од компанијата велат дека не штрајкуваат, едноставно немаат пари за гориво.
Но ЈСП не должи само кај овој приватен превозник, долг од околу 41 милион денари има и кон приватните автобуси на Слобода превоз. Но отаму велат, дека пронашле некаков начин со град Скопје како да им се исплаќа долгот и засега велат нивните автобуси ќе продолжат да возат.
Од ЈСП пак одговор за долговите кон приватните превозници не добивме, само дека претпријатието обезбедило дополнителни автобуси.
ЈСП „Скопје“ од утринава вклучува свои возила на линиите кои ги опслужува „Макекспрес“, односно скопјани не останаа без превоз на линиите на кои вози посочениот приватен превозник.- соопштија од Јавното сообраќајно претпријатие
Од град Скопје молк- не одговараат на прашањата кога планираат да го исплатат долгот кон приватниот превозник Макекспрес, ниту пак дали градоначалничката Арсовска планиора да оствари средба со нив.
Претходно овој месец, скопјани за прв пат во историјата останаа без јавен превоз поради неисплатени плати на возачите на ЈСП, па градот одвои 2 милиони евра предвидени за други проекти за вработените да си ги добијат септемвриските плати за да нема прекин во јавниот превоз.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
