Македонија
9. April 2019 - 16:30

Партиите се препукуваат кој е одговорен за распаѓањето на иконостасот

И додека иконостасот стар скоро 180 години во црквата Свето Благовештение во Прилеп со децении се распаѓа, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат кој бил виновник за таа состојба без притоа да кажат зошто досега ниту една Влада не превзела буквално ништо во последниве 30 години. Црквата денеска ја посетија пратениците од редовите на СДСМ во Прилеп, градоначалникот и директорот на музејот.

„12 години македонската јавност е сведок на формалната поддршка која претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ја даваше на црквата, меѓутоа суштински никаква помош“, изјави Хари Локвенец, пратеник од СДСМ.

Директорот на музејот рече дека со пренамена на средства ќе започнела негова заштита.

„Сакаме да ја увериме јавноста дека тој проект е изработен и го очекуваме решението од Министерството за култура за да почнеме со активности“, рече Благоја Атанасоскии, дииректор на Завод и Музеј Прилеп.

Oд ВМРО-ДПМНЕ преку соопштениие потенцираа дека токму пратеникот Хари Локвенец бил еден од тие, како што велат, кои треба да сносат одговорност за овогодинешната најскандалозна програма на Министерството за култура каде Прилеп не постои и одбиен е проектот за црквата Благовештение.

Свештениците пак кои со години бараат негова заштита повторно порачаа дека ако иностасот не се заштити тој може да се урне.

„Не е далеку денот кога постои опасност иконостасот, со оваа голема висина и маса што ја има, да падни кон народот“, кажа протоереј ставрофор Благоја Станкоски, архиерејски намесник.

Иконостасот е трет по вредност во Македонија после оној во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје.