Македонија
16. May 2026 - 16:26

Партиски препукувања за сторени злоупотреби и криминални шеми

Обвинувања за спорни тендери и фаворизирање на една фирма – партиите со меѓусебни пораки за сторени криминали. Опозициската СДСМ денеска обвини дека фирмата „Мастеф ДООЕЛ“, за која тврдат дека е блиска до власта, во изминатиот период добила 93 тендери со вкупна вредност од над 18,3 милиони евра. Според нив, станува збор за „корупциски систем“ во кој, како што наведуваат, едни исти компании добиваат јавни набавки, а последен во низа е добиениот тендер за скопскиот Луна парк.

Владејачката ВМРО ДПМНЕ им возврати, Фирмата Мастеф во периодот од 2018-2021 година била една од најомилените на градоначалниците на СДС во дел од скопските општини кои и доделиле милионски тендери. 

Во 2018 година Мастеф добива седум тендери во вредност од 9.569.788 денари од општина Карпош, во 2019 година 5 тендери од општините Карпош и Аеродром во вредност од 10.320.508 денари. Во 2020 се приклучува и општина Кисела Вода во доделувањето тендери на истава фирма која од веќе постојаните Аеродром и Карпош, добила вкупно 8 тендери во вредност од 50.265.142 денари. Додека во 2021 година овие три општини под раководство на кадрите на СДС на фирмата Мастеф им доделиле 6 тендери во вкупна вредност од 47.100.000 денари, стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

ЗНАМ пак бара одговори од СДСМ од опозицискиот лидер Филипче и неговиот претходник Заев, зошто молчат за фирмите и деловните релации во Бугарија, сопственичката структура и работењето на овие фирми.

Дали Венко Филипче е сопственик или поврзано лице со фирмата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД / POWER i8 во Петрич, со дејност поврзана со недвижности? Дали семејството Заеви е поврзано со фирмата „ГОМАСИДРА“ исто така регистрирана во Петрич? Колку фирми на лица блиски до поранешното и сегашното раководство на СДСМ се регистрирани на иста адреса во Петрич? Какви бизниси и економски интереси имаат овие структури во соседна Бугарија?, прашуваат од ЗНАМ. 
Опозицијата чека одговори и делување од обвинителството за скандалите кои ги објавуваат. Јавно прашуваат зошто нема постапки за сите информации кои ги споделуваат во јавност за како што велат криминалните шеми на власта.