Македонија
20. July 2022 - 16:38

Партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ одлучуваат за ефектот од референдумот, СДСМ тврди дека се заштитени државните интереси

Бугарите нема да бидат вметнати во Уставот, гарантираат од ВМРО-ДПМНЕ. За единствениот услов за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, од најголемата опозициска партија велат дека нема да дозволат да биде спроведен. Преговори ниту има, ниту ќе започнат тврди лидерот Мицкоски. За уставните промени браник во Парламентот ќе бидат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак Мицкоски не ја исклучува можноста за маневар од страна на Софија.

Сеуште траат внатрепартиските консултации околу најавениот референдум, но Мицкоски вели дека не му се брза, а 150.000 потписи ќе бидат собрани за три месеци, во предвидениот рок. На референдумот граѓаните би се изјасниле дали ја прифаќаат преговарачката рамка со билатералниот договор со Бугарија, а не за уставните промени.

Од СДСМ пак велат дека паднале во вода сите манипулации на Мицкоски, започнале и преговорите и скрининг процесот, а македонскиот јазик влегол во официјалните канали на ЕУ.

Вчера се одржа првата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и ЕУ, што го означи почетокот на процесот на преговори, но сепак македонскиот пат до Унијата официјално ќе започне по втората меѓувладина конференција, која е условена да се одржи откако бугарите ќе бидат вметнати во преамбулата на македонскиот устав.