Пленковиќ ги отфрла обвинувањата за кршење на Уставот

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска ги отфрли обвинувањата за неуставни и незаконски дејствија на Владата поради приемот на бронзените хрватски ракометари во Загреб, на кој вечерва, и покрај противењето на градските власти, ќе настапи контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон.
„Владата работи во согласност со Уставот, законот, своите овластувања и, најважно, во согласност со здравиот разум“, изјави Пленковиќ пред новинарите по седницата на раководството на партијата на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), на чие чело е тој.
Тој ги обвини партиите од левицата, кои се на чело на Градот Загреб, за идеолошки, догматски и ексклузивен пристап.
Премиерот рече дека ја презеле организацијата на приемот на ракометарите, бидејќи не сакале да дозволат да остане „голема бездна меѓу хрватскиот народ, хрватските спортисти и хрватските патриотски пејачи“.
„Ако Градот не е во можност да организира прием, практично „ copy-paste“ на минатогодишниот прием, Владата е тука за да се осигура дека тоа може и треба да се направи“, рече премиерот.
Пречекот на ракометарите, кои вчера го освоија третото место на Европското првенство во Данска, остана во сенка на поделбите поради настапот на контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон, што беше крајно барање на ракометарите.
Градот Загреб одби да ги прими, па Хрватскиот ракометен сојуз (ХРС) синоќа објави дека го откажува приемот.
Ситуацијата се промени денеска кога Владата објави дека го презема приемот и дека, во соработка со ХРС, ќе се одржи во 18 часот на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб.
За тоа, Владата не побара дозвола од градот, иако мораше, соопштија властите на Град Загреб, предводени од зелено-левичарската коалиција на партиите „Можеме“ и Социјалдемократската партија.
Бројни политичари од центарот и левицата денеска ја обвинија Владата дека дејствува неуставно. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја обвини владата дека „ја узурпира државата и бескрупулозно предизвикува поделба“.
„Владата на Хрватска изврши намерна девастација на уставниот поредок, а претходно измисли правна основа за своите постапки и постапките на полицијата. Ваквите постапки на владата всушност ја узурпираат државата и бескрупулозно предизвикуваат поделби меѓу хрватскиот народ. Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ, е одговорен за ова“, напиша Милановиќ на Фејсбук.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, ја обвини Владата на Хрватска за институционално насилство и обид за соборување на демократски избраната влада во Загреб.
А некои правни експерти предупредија дека владата го крши Уставот со таквото однесување.
МИА
Ново на Сител
-

Власта обезбеди 2/3 мнозинство за Сејф сити и омбудсманот без СДСМ и ДУИ
-

СДСМ бара враќање на членот 353 од кривичниот законик кои сами го укинаа, за ВМРО-ДПМНЕ ова е лицемерно
-

Филков: Случајот со заѕиданите 350 илјади евра кај судија е симбол на неказнивост
-

Стојановска: Кога ДУИ лаже ние ќе кажуваме вистини
-

Вработените во Пошта протестираа за плати, додека објектот во кој работат пропаѓа од сите страни
-

Обоистката Петрушевска обвинува дека е незаконски суспендирана - директорот тврди се однесувала агресивно
-

„Оне Македонија телекомуникации“ формално стана трет мобилен оператор
-

Стопанската комора даде поддршка на Усје - од компанијата велат нема основ за нивна дислокација
