По 28 години пешачење околу светот, Карл Бушби конечно се врати дома

По 28 години пешачење околу светот и поминати околу 50.000 километри, авантуристот Карл Бушби се врати кај своето семејство во родниот град Хал, на североистокот на Англија, свечено пречекан.
Поранешниот падобранец на британската војска го започнал своето патување од Чиле во 1998 година, поставувајќи си две правила: да не користи никакво превозно средство и да не се врати дома сè додека целосно не го исполни предизвикот.
Британецот, кој денес има 57 години, последната етапа од својата епска авантура ја заврши вчера напладне откако пристигна пред домот на мајка му Анџела. Таа емотивно го прегрна пред камерите и фотоапаратите, додека соседите го поздравуваа со овации. По 28 години, Бушби повторно се сретна и со својот 36-годишен син Адам, а за првпат ја виде и својата 12-годишна внука.
– Да пешачам по улицата на моето детство, сè до куќата во која сум роден, беше момент исполнет со силни емоции, изјави Бушби на прес конференција по средбата со семејството.
Во тек на своето неверојатно патување Бушби го препешачил целиот американски континент, го преминал Беринговиот Проток од Алјаска до Русија, а потоа продолжил низ Централна Азија и Европа. Меѓу најтешките предизвици со кои се соочил го издвоил преминувањето на џунглата Дариен меѓу Панама и Колумбија, како и патувањето низ Алјаска.
– Не го направив ова сам. Не можете ни да замислите колку луѓе беа вклучени во надминувањето на пречките, изјави Бушби на денот на свеченоста пред Градското собрание во Хал. Меѓу предизвиците со кои се соочувал ги навел и проблемите со добивањето визи, но и препливувањето на Ла Манш.
Портпаролот на претседателот на владата, Енди Бернам, исто така го пофали неговиот извонреден потег, истакнувајќи дека премиерот е задоволен што Бушби повторно е дома.
Карл Бушби ја започнал својата авантура на 29-годишна возраст, по разводот од сопругата и заминувањето со нивниот син во Северна Ирска. Неговото патување неколкупати било прекинувано поради различни пречки. Москва, меѓу другото, со години одбивала да му издаде виза. Проблемите со визите во други земји, финансиската криза од 2008 година и пандемијата на ковид-19 му одзеле вкупно 14 од 28-те години предвидени за патувањето.
Во тие периоди Бушби го ставал патувањето во мирување и живеел на различни места, меѓу кои и во Мексико. Штом ќе ја надминел пречката, повторно тргнувал на пат. Во текот на авантурата поминал низ вкупно 29 држави.
Во Обединетото Кралство пристигнал на петти октомври откако го препливал Ла Манш од Франција. Неколку негови блиски, меѓу кои и неговиот татко, го пречекале на плажа во близина на Довер, на југот на Англија.
– Добро е повторно да ја почувствувам британската почва под нозете по сите овие години, изјавил тогаш Бушби. Не беше лесно, но токму во тоа беше поентата – да докажам дека можам да направам повеќе отколку што мислев дека сум способен. Сите ние можеме да постигнеме многу повеќе отколку што замислуваме, додал тој.
Германскиот режисер Вернер Херцог и филмска екипа го следеле Бушби за време на неговото враќање. Херцог подготвува документарен филм за неговото патување, под наслов „Walk of Life“. Продукциската куќа што работи на филмот цели 16 години финансиски и логистички ја поддржувала неговата авантура.
Иако во текот на следната година планира да одржи бројни предавања на кои ќе раскажува за своето патување, свесен е дека враќањето во секојдневниот живот може да биде сериозен предизвик. И други авантуристи што ги познава имале тешкотии со приспособувањето по завршувањето на своите долги патувања.
– Очекувам и самиот да поминам низ тоа. Единствениот начин да се надмине е да се пронајде нова мисија, нова страст, а токму тоа планирам да го направам, откри Бушби.
МИА
Ново на Сител
-

Се шират малите сипаници - морбили потврдени кај уште едно дете
-

Средношколците во пратеничките клупи - дебата за дигиталниот свет
-

Полициска акција на УГД
-

Продолжува судењето против судијата Ристов
-

Растат платите во Армијата за 10%
-

СДСМ со интерпелација за Стоиљковиќ
-

Студенти по архитектура изработија идејни решенија за мултимедијален центар во Струмица
-

Преглед на вестите од светот
