Македонија
1. јуни 2024 - 19:57

Почна полагањето на државна матура, првпат во ходници и сали

Наместо во училници, за првпат речиси 15 илјади ученици полагаа матура во ходници и спортски сали. Испитот по мајчин јазик почна точно во 10 часот. Влегувајќи учениците ги оставаа своите мобилни телефони во посебни кутии. 

На клупите, пак, освен тестот, имаа само пијалок и по некоја ужинка со оглед дека тестирањето трае околу 4 часа. Група од 15 ученици беше под надзор на еден тестатор. 

„Целта е да се добијат пообјективни резулатите и да се спречи можноста од одредени групи и во одредени училници да не се почитуваат правилата како што можеби се случувало претходните години, бидејќи сега не е тоа еден мал затворен простор во кој еден тестатор и 15 ученици може да ги прекршуваат правилата. Сега сите се гледаат“ – Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ

И токму тоа прво ги прашавме матурантите. Дали имаше препишување?

Директорката на државниот испитен центар апелира учениците да не препишуваат, а тестаторите да не го дозволуваат тоа, оти на тој начин се прави само штета.

„Препишувањето е неисплатливо. Затоа што дури и ако денеска успеат да ги пркршат правилата, да извадат телефон и да препишуваат, истото тоа ќе биде видено и прочитано во текот на оценувањето. Оваа година, секој препишан тест, секој текст којшто е идентичен со некој друг, или делови се идентични, не само што ќе се бодува со 0 поени, туку целиот тест ќе се бодува со 0 поени и се поништува испитот“ – Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ

Во скопската гимназија „Орце Николов“ денеска полагаа 276 ученици.

„Во разговор со учениците за кратко време го прифатија овој начин на полагање. Сепак, за сите нас е нов. Малку требаше повеќе организација во простор за да може да се организираме“ - Митко Димовски, директор на СУГС „Орце Николов“

Вториот екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. И годинава, најмногу пријавени кандатити има за англиски јазик. Лани, токму на овој испит беа фатени 3 илјади матуранти како препишуваат, а имаа направено и вибер група во која меѓусебно си ги праќаа одговорите додека полагаа.

Државната матура се спроведува како законска обврска и услов за упис на факултет.