Почна примената на новите протоколи во училиштата
Полицијата нема да информира дали училиштата добиваат пораки за поставени бомби. Од Министерството за внатрешни, велат, јавноста ќе дознае само за реални закани.
„Сето друго за кое имаме нереални закани, со низок степен на веројатност итн, ќе се пренесуваат информации до степен до кој треба да бидат пренесувани. Основот на тероризмот е токму сензационалноста. Ако ја сузбиете сензационалноста, Вие го намалувате и нивото на овие закани“, изјави Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи.
Во пракса веќе се применува новиот протокол кој е класифициран како строго доверлив. Во училиштата не е дозволен влез на родителите, објектите ги обезбедува полицијата, а тоа го прави и приватното обезбедување. Родителите со поделени ставови, дел сметаат дека учениците се безбедни – други пак не веруваат во тоа.
Од Министерството за образование очекуваат максимална ангажираност на надлежните за спроведување на безбедносниот протокол. Велат, само така учениците ќе останат во школските клупи.
„Наставата со физичко присуство е најефективната форма на воспитно-образовниот процес и токму затоа, како институции, односно МОН во соработка со МВР, локалните самоуправи и со училишните раководства, преку координиран пристап се заложуваме оваа форма на настава да има континуитет“, вели за Сител, Јетон Шаќири.
Според експертите, новиот пристап во справување со континуираните закани за поставени бомби, ќе го намали стравот меѓу граѓаните.
„Доколоку успееме да покажеме дека нивото на закана е навистина ниско, учениците, наставниците, родителите – ќе бидеме многу посмирени и ќе можеме на многу посоодветен начин да бараме решенија како да се воспостави подобра контрола врз целиот процес затоа што овде не сме сами, многу земји се загрозени. За жал Македонија во последните шест месеци е сериозно изложена на ваков тип закани“, вели Никола Дујовски, Факултет за безбедност.
Од МВР велат дека најголем дел од заканите кои ги добиваат училиштата и други деловни објекти, доаѓале од адреси чии провајдери се од Иран и Русија.
Уплатите за нивно користење се правеле со крипто валути па дополнително се отежнувала откривачката дејност. Изминатите шест месеци полицијата направила над 800 проверки за поставен експлозив за што биле потрошени близу 100 илјади евра.
Во меѓувреме и градинките добиле протокол за постапување при евентуални дојави за поставени бомби.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
