Почна судењето за случајот ИПАРД
Во Основниот кривичен суд денеска почна судењето за злоупотреба на средства од европската ИПАРД програма, случај во кој се обвинети седум лица, меѓу кои и поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев. Обвинителството тврди дека во овој случај не станува збор за некаков пропуст, туку за организирано и свесно заобиколување на законите со цел лична корист.
Според обвинението, биле одобрени европски пари за фирма која воопшто не ги исполнувала законските услови, а за возврат бил ветен поткуп од 50 илјади евра. Управителот на фирмата во повеќе наврати давал пари и ветувал награди за да обезбеди повисоко рангирање на апликацијата и целосно одобрување на побараниот износ. На едно службено лице му бил ветен подарок од 50 илјади евра, додека на три други лица им биле исплатени по 5 илјади евра за да извршат влијание и притисок врз одлучувањето.
Обвинетите, иако знаеле дека документацијата е некомплетна, одобриле финансиска поддршка, изработиле и потпишале документи со неточни податоци и овозможиле незаконско рангирање. Поранешниот директор Стоилев се товари дека го потпишал решението со намера да го прими ветениот поткуп.
За овој случај претходно веќе беше осудена една референтка, која ја призна вината и доби затворска казна од 10 месеци, дел од кои веќе ги издржа во куќен притвор.
