Поднесено обвинение за поранешната директорка на прилепската болница и тројца вработени
Обвинение за 8 физички и едно правно лице поднесе припеското јавно обвинителство, поврзани со работата прилепската болница. Обвинението се однесува за проневера во службата и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
За проневера се обвинети поранешна директорка и уште тројца вработени во болницата, кои од почетокот на 2022 до јули 2024 година противправно присвоиле над 9.6 милиони денари.
Без користење на системот на УЈП, без склучени договори за дело и без документација за оправданост на трошењето, преку фиктивни налози за работа и исплати со невистинита содржина за наводно извршени работи за потребите на болницата на физички лица им се исплаќале средства од остварениот промет од наплата на партиципација.
А овие исплати се правдале со фискални сметки за гориво, но и со фискални сметки од пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња, слаткарници и други угостителски објекти, односно како трошења кои не биле за потребите на болницата.
Поранешната директорка и еден обезбедувач во болницата, управител и двајца сопственици на правно лице за обезбедување на имот и лица, како и самата агенција за обезбедување се обвинети и за дејствијата на злоупотреба на постапката за јавен повик.
Сите тие заеднички, со умисла, во два наврати, свесно ги повредиле прописите за доделување на договор за јавна набавка, со неизвршување на обврските. Ангажираната фирма не ги исполнувала обврските од договорот, се вршела фиктивна евиденција и услугите редовно им се исплаќале по доставените фактури, со тоа штетата за болницата е околу 6,5 милиони денари.
Екс директорката директорка на болницата е обвинета и за тоа дека во кафеани и ресторани, како и кон колонијални продавници одобрувала исплата на средства од контото – храна за болни, иако набавените услуги и производи не биле наменети за потребите на хоспитализираните пациенти во болницата, при што на болницата и нанела штета од над 1.4 милиони денари.
Од 2022 до 2024 година обвинетата вршела и неосновани исплати на додатоци за прекувремена работа на повеќе селективно избрани вработени со што буџетот на болницата го оштетила за дополнителен вкупен износ од 1.850.895 денари.
Инаку во моментов и понатаму продолжува истражна постапка на Основното јавно обвинителство во врска со работата на прилепската болница.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
