Македонија
18. November 2026 - 16:44

На новороденче на Гинекологија му отсекле дел од прст при вадење на инфузија

Наместо дома, новороденче од ГАК заврши на Детска хирургија бидејќи медицинска сестра на Гинекологија му отстранила дел од прстот при вадење на фластерот за инфузија.  Таткото на бебето бил шокиран од инцидентот и како што вели во изјава за Сител, два часа не му било јасно што се случува со неговата ќерка.

- Ми рече сопругата дојди да не земес, јас отидов земав се документи што треба, ама чекам и после еден саат ми викаат, ќе се среди. Го гледам професорот трчи и го однесоа на детска хирургија. Оттаму ни рекоа прстот ќе фунцкионира ама дел ќе фали. Ќе барам правда на суд, вели Аднан Азизи, татко на бебето. 

Вели дека не му е важна паричната отштета туку правдата за неговото дете и да не се повторуваат вакви ситуации во иднина. 

Од Гинекологија го потврдија случајот а и покрај дводецениското искуство на здравствената работничка,  таа е суспендирана од досегашната позиција и е префрлена во млечната кујна додека не донесе одлука формираната Дисциплинска Комисија. Инцидентот се случил на дежурство пред два дена, кога поради крварењето бебето било транспортирано во хируршкиот блок.

- Заради крварење, заради повреда, инициран е трансфер на Клиниката за детска хирургија и раната на прстот на пациентчето е обработена хируршки во операциона сала. После хируршката обработка, бебето примаше соодветна терапија и денеска е испишано на домашно лекување, изјави д-р Лазе Јовчески, директор на Клиника за детска хирургија. 

Веднаш по инцидентот, како што информираат од Гинекологија случајот го разгледала Комисијата за квалитет а истиот е евидентиран како несакан настан. 

Нагласуваме дека ваквите настани се третираат со највисок степен на сериозност и дека нема да има толеранција за евентуално утврдени пропусти во постапувањето. Доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи, соопштија од Клиниката. 

Таткото најавува правна разврска, а Гинеклогоија го чека исходот од Дисциплинската комисија.