Македонија
8. August 2023 - 21:16

Политички маркетинг или можност за консензус, каков ефект може да има манифестот на власта?

Пропуштена шанса, вака експерстската јавност го коментира манифестот на владината коалиција за преговори со ЕУ.. Центарот за европски стратегии, смета дека со едностраноста при изработка на документот, поткопана е неговата важност и влијанието кое треба да го има во политичкиот процес.

„Можеби имало некои контакти со опозицијата за време на пишувањето на овој манифест. Не знаеме за тоа, барем немаме такви инфомрации во овој момент. Меѓутоа, можеби ќе беше подобро тоа да биде јавно и да има еден јавен повик до опозцијата за да се вклучат во процесот на пишувањето и на формирањето на тој манифест, и за време на тие разговори и преговори можеби ќе се најдеше и некое друго решение во однос на уставните измени и можеби ќе имаше некаков договор. Вака, делува еднострано и ние другите треба само да се вклучиме кон манифестот, наместо, тоа да биде продукт на соработката помеѓу сите актери, вклучително, можеби и најважно – опозицијата“ вели Димитар Николовски, Евротинг.

Според експертите, целта на Манифестот е притисок пред одржување на собраниската седница за уставните измени.. Сепак, велат тој нема да го донесе политичкиот консензус кој се бара за отворање на уставот.

„Ако добро го разбирам, би служел за некаков јавен притисок за опозцијата да гласа за уставните измени. Не верувам дека манифестот ќе го достигне тој ефект поради проблемот кој веќе го истакнав, а тоа е дека е само продукт на партиите на власт, а не заеднички продукт и на другите партии. Мислам дека постигнувањето на политички консензус за уставните измени нема никаква корелација со овој манифест. Доколку стигне до таков консензус, кога и тоа да се случи, еве, најкратко за 10 дена нема да биде поради манифестот. Ќе биде поради некои други причини“, вели Николовски.

Според Николов, Манифестот ќе служи за внатрешна употреба, па не се очекува неговата содржина да има влијание врз официјална Софија.