Македонија
20. October 2025 - 16:38

Политико: Влез во ЕУ но без можност за вето на новите земји членки

Влез во ЕУ но без можност за вето на новите земји членки.

Според бриселскиот портал „Политико“ ова е прдлогот кој неформално се разгледува меѓу земјите на ЕУ и Европската комисија за одблокирање на процесот на проширување. Повикувајќи се на изјави од тројца европски дипломати и еден претставник на унијата, Политико пишува дека ваквиот предлог за промена на правилата за членство е во рана фаза и би требало да биде одобрен од сите сегашни членки.

Идејата е новите држави да ги користат повеќето придобивки од членството, а целосни права да добијат по институционалните реформи на ЕУ. Новите членки ќе добијат целосни права откако ЕУ ќе го преиспита начинот на кој функционира за да им биде потешко на поединечните земји да ставаат вето на политиките, пишува Политико.

Вакви измени ЕУ би направила првенствено за да го надмине унгарското вето за влез на Украина во унијата, додека според Политико лидерите од земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија – ќе се сретнат со европските лидери в среда во Лондон на самит на „Берлинскиот процес“ фокусиран на зајакнување на интеграцијата меѓу тие земји како претходник на проширувањето на ЕУ.

Бугарија сепак не се откажува од уставните измени. Бугарскиот претседател денеска побара и од Унгарија да ги искористи добрите пријателски односи со македонските власти за да ги убеди да вклучат Бугарите во Уставот.

„Ја повикав унгарската страна, која има пријателски односи со нашите браќа во Република Северна Македонија и растечки економски односи со РСМ, да ѝ помогне на оваа земја, со тоа што навистина ќе ги убедиме нашите браќа дека прифаќањето и вклучувањето на Бугарите во Уставот, почитувањето на европскиот консензус и отсуството на притисок и дискриминација врз Бугарите се неопходен услов за почнување преговори за членство во Европската Унија“, изјави Радев.

Без уставни измени нема старт на преговорите беше пораката и на шефицата на ЕК Фој дер Лајаен која измината недела се сретна со државниот врв, додека можност за интензивирање на разговорите помеѓу двете земји се најавуваат по завршување на локалните избори во земјава.