Македонија
28. October 2023 - 16:42

Поранешната градоначалничка на Арачиново од СДСМ стана директорка на АД „Аеродроми”

Поранешната градоначалничка на Арачиново Миликије Халими стана генерална директорка на АД Аеродроми на Македонија во државна сопственост. Таа на функцијата била назначена во средата со одлука на Надзорниот одбор на претпријатието. Халими ќе управува со двата меѓународни, скопскиот и охридскиот во оној дел кој не е под концесија на ТАВ, како и со спортските аеродроми.

- На 193-та седница одржана на 17.10.2023 година, Владата донесе заклучок да му препорача на Надзорниот одбор на АД “Аеродроми” на Република Севернa Македонија во државна сопственост да го отповика Трајче Ангеловски од член на Управниот одбор кој носи назив генерален директор и на негово место да биде назначена Миликије Халими, информираат од прес службата на Владата.

Таа пак на својот Фејсбук профил се заблагодари на партијата СДСМ за укажаната доверба да раководи со оваа институција и најави дека фокус ќе стави на зголемување на квалитетот на услугите за сите корисници како и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на институцијата генерално.

Миликије Халими после 4 годишниот мандат како градоначалничка лани предизвика интерес во јавноста откако медиумите објавија дека била вработена на определено време со средно образование како инспектор во Царина. Потоа од Царинската управа објаснија дека за тоа работно место се барал кандидат со средно или вишо без работно искуство. Таа конкурирала со дипломата од средното медицинско во Тетово, и информираа дека завршила и педагошкиот факултет.

Иако и пред 2 години повторно беше кандидат да раководи со општина Арачиново, не успеа да обезбеди нов мандат.