Пораст на интересот за имунизација во Штип и источниот регион
По најавата на Комисијата за заштита од заразни болести дека ќе има заострување на рестриктивните мерки, порасна интересот за имунизација во Штип и источниот регион. Иако регионалниот вакцинален пункт во салата „Јордан Мијалков“ е затворен од пред 10 дена, во Здравствениот дом имунизацијата се одвива со полн капацитет.
- Ние дневно обслужуваме помеѓу 500 и 600 наши граѓани, од кои половината се ревакцини и околу 200 до 300 се нови, први дози. Кај сите возрасни групи постои интерес. Има интерес и од деца на 12 години па нагоре, ги пријавуваат родителите, но и од највозрасната популација кои до сега останале не вакцинирани, изјави д-р Дијана Коцева-Миланова, одговорна за вакцинација во Штип.
Од почетокот на имунизацијата до сега, вкупно се вакцинирани над 30 000 граѓани, од кои повеќето се жители на Штип. Половина од нив примиле вакцина на Синофарм, а останатите Синовак и Фајзер.
- Досега официјална пријава за некоја по тешка или по сериозна несакана реакција немаме, освен пријави за алергиски реакции, кои се очекувани, додаде Коцева-Миланова.
Во моментот имунизацијата се врши со Фајзер, Синовак и Астра зенека, а Здравствениот дом располага со солидна медицинска екипа и доволни количини на вакцини за да одговори на потребите на граѓаните.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар