Бизнис
15. јуни 2026 - 16:40

Поскапуваат горивата

Поскапуваат горивата. Регулаторната комисија ги објави новите цени. Од полноќ, бензинот БС-95 поскапува за денар и пол и ќе се продава по 87,5 денари по литар. 98-октанскиот оди нагоре за два денари и ќе чини 90 денари. Минимално поскапување од половина денар има кај дизелот, кој ќе се точи за 87,5 денари. 

На полноќ завршуваат и мерките за горивата, што значи дека во новите цени се пресметани редовните акцизи од 22 денари за бензините и 15,5 денари за дизелот. 

Премиерот Мицкоски изјави дека денешната одлука на Регулаторна се базира на берзанските цени од минатата седмица и оцени дека следната недела може да се очекува значително намалување на цените на горивата.

„И понатаму остануваме земја којашто има најниска цена на бензините и дизел горивата во регионот. Тоа посебно се чувствува тука во Битола. Има бензински станици каде што 50-тина проценти е зголемен прометот од страна на граѓани од нашиот јужен сосед. Така што, еве, ние овие три месеци, би рекол, прилично достоинствено ги издржавме. Ниту во еден момент не дозволивме да имаме било каква рестрикција на бензинските пумпи, не го ограничивме извозот, напротив, ги отворивме нашите порти за граѓаните од соседните земји да точат и кај нас гориво. Обезбедивме доволно количини на гориво. По половина евро во просек по литар нашите горива беа поевтини од оние на соседите“, рече Мицкоски. 

Цените на суровата нафта на светските пазари денеска забележаа остар пад, откако САД и Иран постигнаа договор. Нафтата од типот „Брент“ се тргува по околу 83 долари за барел.

Иако пазарите реагираа со голем оптимизам на веста дека Ормутскиот Теснец повторно ќе биде отворен, овие цени сè уште се многу повисоки од периодот пред војната, кога нафтата беше околу 70 долари. 

Енергетските експерти предупредуваат дека деблокадата на теснецот не значи автоматско враќање во нормала. Најпрво ќе треба да се расчистат морските мини поставени за време на војната. Според воените проценки, овој процес може да трае од неколку недели до шест месеци. 

Покрај тоа, стотици танкери со месеци чекаат во близина на Персискиот Залив, а потребно е време за нивно повторно вклучување во редовните транспортни рути. 

Според познавачите, околу 85 проценти од изгубеното производство би можело да биде обновено до октомври, но целосното закрепнување на пазарот се очекува дури во јануари догодина.

Глобалниот раст на цените се почувствува и кај нас. Со цел полесно справување и носење одлуки, македонското собрание прогласи кризна состојба до 20 јули.

Владата уште од почетокот на кризата интервенираше со низа мерки. Најпрво беше спуштено ДДВ-то за бензините и дизелот од 18 на 10 проценти, а потоа беа намалени и акцизите. 

Интервенција имаше и кај вештачки ѓубрива, со намалување на маржите -  максимум пет проценти за вештачките и десет проценти за органските ѓубрива.

Засега нема ограничувања за цените на храната. Инспекцијата утврди дека дел од трговците сами си намалиле од заработувачката за да спречат нагло поскапување. Државна статистика измери раст на инфлацијата во мај од 4,8 проценти.