Потребен е посилен развој на туризмот на локално ниво
За развој на локалниот туризам потребно е јакнење на локалните капацитети. Услови и потенцијал има во целата држава, но ретко која општина има посебни тимови или одделенија кои ќе работат на унапредување на туристичките потенцијали. Пандемија и новата реалност во туристичка индустрија покажаa дека треба да се стави фокус на руралните форми на туризам, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски кој беше дел од работилницата наменета за јакнење на капацитетите на алтенативните форми на туризам.
Според Јаневски проблем претставува и тоа што речиси никоја од општините нема свежи регистри за сместувачките капацитети, ниту пак евиденција за бројот на туристите и посетеноста на локалитетите со кои располага една средина. За да се смени ваквата слика неопходна е поголема одговорност кон заедниците и визија за локалниот економски развој. Дополнително, треба да се најде начин за намалување и на сивата зона во туристичката индустрија.
Потенцијалите на македонскиот туризам ги потврдуваат и бројките. Годинава, според девизниот прилив од туризмот кој досега е повеќе за 20 отсто во споредба со 2019 година, ја рангира нашата дестинација во првите десет според Светската туристичка организација. Од почетокот на годината па заклучно со август, во туристичките центри низ државата биле регистрирани 2,2 милиони ноќевања. Од агенцијата за туризам очекуваат оваа бројка да продолжи да расте и до крајот на годината за достигне 2, 6 милиони.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар