Пратеничките групи во ЕП со противречни оценки за обраќањето на Фон дер Лајен
Пратеничките групи во Европскиот парлемент изнесоа спротивставени оценки за денешното обраќање за „Состојбата на Европската Унија“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Лидерот на најголемата пратеничка група на десно центристичката Европска народна партија (ЕПП) и се заблагодари на Комисијата за постигнувањата на многу полиња – од намалувањето на бирократијата, до зајакнувањето на одбраната на ЕУ и намалувањето на илегалната миграција.
Тој вети дека ЕПП ќе продолжи да ја поддржува работата на Еврокомисијата, вклучително и околу трговските договори на ЕУ со САД и Меркосур, чија алтернативата, како што рече, би била трговска војна.
Во врска со Зелениот договор, германскиот европратеник оцени дека пристапот на ЕУ кон климата треба да биде реалистичен и да поддржува технолошка неутралност.
Вебер упати апел до колегите од останатите пратенички групи во Европскиот парламент да се ангажираат за забрзување на постапката за усвојување на предложените регулативи и да избегнуваат идеолошки борби.
Лидерката на лево центристичката Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија порача дека во име на итноста и единството, ЕУ не смее да си дозволи отстапување од сопствените амбиции и од остварувањето на своите интереси.
Шпанската европратеничка се осврна и на Трговскиот договор меѓу ЕУ и САД оценувајќи го како „неправеден и неприфатлив“, најавувајќи при тоа иницијатива за негова измена.
– Каде е Европа? Каде е Европа кога Газа умира?, праша Гарсија, додавајќи дека најавата на Фон дер Лајен за иницијатива за прекин на соработката со Израел доаѓа предоцна.
Првиот човек на десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ, Жордан Бардела упати критики кон Фон дер Лајен поради нејзината поддршка Договорот за слободна трговија со Меркосур, оценувајќи дека тој е штетен за земјоделците.
Францускиот европратеник го критикуваше и предлогот на ЕК за намалување на царините за кинеските возила, како и правилата за енергетскиот пазар, со кои, според него, се занемарува „нискобуџетната нуклеарна предност на Франција“.
Бардела упати критики и за трговскиот договор со САД, за кој рече дека ги жртвува клучните француски индустрии – одбранбената, винската, фармацевтската и производството на луксузни стоки. Според него, помалите нации успеваат да обезбедат „подобри договори“ со САД од ЕУ.
За разлика од него, копретседателот на десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), Никола Прокачини нагласи дека го поддржува Договорот за царините со САД, затоа што е „подобар од трговска војна меѓу сојузници кои се потребни еден на друг“.
– Мора да ги зајакне нашите вредности, нашата економија и нашите сојузници, додаде италијанскиот европратеник.
Според Прокачини, во сегашните услови Зелениот договор претставува „превисока пречка за европската конкурентност“, а во исто време ги поздрави и неодамнешните предлози за миграциската политика, повикувајќи депортирањето на илегалните мигранти да стане „ефикасна практика“.
Лидерката на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), Валери Ајер оцени дека ЕУ ја „губи довербата на Европејците“, затоа што станала премногу слаба за да ги брани.
Француската европратеничка повика на поинтегрирана, суверена и федерална ЕУ, предупредувајќи дека Унијата се соочува со „егзистенцијална културна војна, која го загрозува европскиот начин на живот, слободите на нејзините народи и нивната независност“.
Ајер побара „попрактична акција“ во врска со Штитот за демократија и планот за конкурентност, како и во борбата против „воинственоста на Русија и Израел“.
Таа предложи и на свикување Конвенција за реформирање на ЕУ.
Бас Ејкаут од групата на Зелените порача дека ЕУ треба да манифестира поголема доверба и побара преземање итна акција за справување со ситуацијата во Газа.
– ЕУ да престане да размислува како пазар и да почне да размислува како сила, истакна холандскиот европратеник, апелирајќи на борба против автократите.
Ејкаут оцени дека при реализацијата на плановите поврзани со безбедноста мора да се води сметка и за климатските промени и повика на поголеми инвестиции во обновливи извори на енергија и чистите индустрии, но и за инвестирање во работната сила, образованието, инфраструктурата и зелените иновации и за подобрување на европската конкурентност.
Мартин Ширдеван од групата на Левицата трговскиот договор со САД го оцени како „целосна капитулација“ на ЕУ.
Според него, политиките на слободната трговија придонесуваат за раст на сиромаштија, губење на работни места и зголемување на трошоци, оценувајќи дека милијардите евра инвестирани во „милитаризација“, резултираат со „драстични намалувања“ на пензиите и социјалната помош.
Германскиот европратеник го осуди, како што рече, молкот на ЕУ во врска со „хуманитарната криза и воените злосторства извршени од израелските сили во Газа“, обвинувајќи дека Унијата има двојни стандарди во надворешната политика и дека не неуспеала да игра позначајна улога во напорите за воспоставување мир.
Неговиот сонародник од екстремно десничарската група Европа на суверени нации (ЕСН), Рене Ауст оцени дека во услови кога пазарите растат насекаде во светот, Европа заостанува поради немањето на „претприемачка слобода“.
Според него, миграциската политика на ЕУ довела до зголемено насилство, раст на бројот на криминални банди и на шверцот со дрогата, како и до проблеми со безбедноста на жените во Европа.
МИА
Ново на Сител
-
Дрисла се уште гори, густ чад се шири во пошироката околина, има индиции дека пожарот е подметнат
-
Продолжи судењето за „Онкологија“, денеска се слушаат искази на сведоци
-
Тешко повреден 16-годишник на мопед откако автомобил удрил во него
-
21-годишник од Неготино криумчарел пет мигранти
-
Мицкоски: Првпат на месечно ниво имаме базична инфлација во негатива
-
„Нeшто што ќе остане“ на 13 септември во Паркот на франкофонијата
-
Депонијата Дрисла се уште гори, густ чад се шири во пошироката околина
-
Жена од кавадаречко предизвикала пожар на отворено палејќи стари предмети