Македонија
13. February 2023 - 16:34

Пратениците ја усвоија потребата за измени кои ќе спречат застарување на сите кривични дела

Двојно ќе се зголеми рокот за застареност на кривичните дела. Собранието ја изгласа потребата од измена во кривичниот законик предложена од Левица која предвидува дуплирање на времето во кое прекинува кривично гонење или извршување на казната. Така, ако дело за кое казната изнесувала над три години затвор, сега застаруваше за пет, со предлогот се предвидува кривчното гонење да застари дури по 10 години. Освен геноцид и воени злосторства, со измените се предлага никогаш да не застаруваат и кривичните дела поврзани со јавните финансии и злоупотребата на службена положба. Измените е предиведно да важат и за тековни предмети.

„Во кривичните постапки кои се уште не се правосилно завршени, а такви се овие случаи од СЈО, застарните рокови ќе пресметуваат според овој закон. Тоа значи, дел од овие неколку случаи кои постоеја и кои треба да застарат оваа година, во суштина со оваа завршна и преодна одредба, тие нема да застарат и ќе може да се процесираат и понатаму“, изјави Димитар Апасиев, Левица.

Застареноста влијаела и во постапувањето со предмети пред Европскиот суд за човекови права каде македонски граѓани незадоволни од домашната, првада бараат пред судот во Стразбур. Ова го истакнаа учесниците на состанокот за извршување на пресудите на Европскиот суд и надворешниот механизам за контрола.

„Гледаме, додека пресудите утврдат повреда, веќе има застарување. Советот на министри се повеќе очекува отворање предмети и пред да е финална пресудата, предметот ќе се искомуницира со владата, во некои случаи во групата Китановски, настапи застарување“, вели Бојана Николин, Департман за извршување на пресуди, Совет на Европа.

Заради застарување, досега повеќемина обвинети од поранешното СЈО беа ослободени од вина во предметите Траекторија и Титаник, а рокови на застареност ги притискаат и случаите со масовното прислушување и изборни нерегуларности.