Пред празничниот период грипот почна да зема замав
Децата и постарите од 65 години најмногу на удар на сезонските инфекции. Тоа го покажува и последниот извештај на Институтот за јавно здравје, според кој повеќе од половина од пријавените со грип и заболувања слични на вирусот за минатата недела се од овие категории. Повеќе од 150 прегледи дневно има во Клиниката за белодробни заболувања Козле а гужви и полни болнички соби има и на Детска каде евидентираат и случаи со респираторниот синцицијален вирус.
Минатата недела имавме 30 деца со клиничка слика на грип. 16 од нив потврдивме и тоа 13 со грип и 3 со респираторниот синцицијален вирус. Имаме пациенти секој ден, тие што се подобрени ги испишуваме меѓутоа капацитетите се полни. Во амбулнатата која е 24 часа постојано доаѓаат пациенти од Скопје но и од други градови, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести
Педијатрите со апел до родителите да не ги носат децата во затворени простории со многу луѓе и да избегнуваат контакт со луѓе кои се болни или сомнителни.
Во досегашната сезона на грип во Институтот за јавно здравје регистрирале 1329 случаи што е над 60 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Вакцина за заштита од вирусот примиле над 78 илјади граѓани.
Епидемиолозите прогнозираат дека бројките драстично ќе бидат зголемени по новогодишните и божиќни празници.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
