Македонија
8. јуни 2024 - 17:04

Пред стартот на жетвата на пченица земјоделците бараат утврдување на производна и откупна цена

Пред стартот на жетвата на лебното зрно, земјоделците очекуваат подобри приноси во однос на лани и по квалитет и по квантитет. Сепак, моменталните откупни цени на јачемнот и пченицата се минимални и не ги оправдуват ниту производствените трошоци.

  • Ние, како Национална змејоделска мрежа ќе се организираме и преку надлежните институции да утврдиме која е таа производна цена и врз основа на производната цена да се договараме со откупувачите околу откупната цена. Значи нема да дозволиме тоа да биде стихиен откуп без некоја економска рентабилност за ратарите, изјави Ѓорѓи Каракашев, Национална земјоделска мрежа

Ситуацијата е доста критична, додава Каракашев, зашто со домашното производство не ги покриваме ниту половина од потребите од пченица. Доколку не се интервенира во дефинирање на цените, земјоделците ќе бидат демотивирани и ќе се соочиме со драстичен пад на производството.

  • Минатогодишната калкулација што ја направи Земјоделскиот институт – Скопје, е дека производна цена на пченица е 19 денари, а откупната ни беше 10 денари, што покажува дека сме со двојна загуба. Така што, мислам дека земјоделците нема да можат да продолжат со производство на оваа култура- додаде Каракашев

Сите анализи покажауваат дека на светските пазари има дефицит од пченица, а зголемена побарувачка.  Поради климатските промени, од година во година ќе има се помали реколти, состојба која нема да ги одмине ниту македонските полиња засеани со житни култури.