Преглед на вестите од светот
„Подготвени сме и за војна и за преговори“. Вака Иран одговори на заканите на Трамп дека САД би можеле да го нападнат ако безбедносните сили напаѓаат демонстранти.
И покрај зголемените насилства, Техеран тврди дека состојбата е под контрола
„Ние не бараме војна, но сме целосно подготвени за неа. Во исто време, како што постојано повторував, ние сме подготвени и за преговори. Меѓу демонстрантите беа забележани вооружени елементи, кои пукаа не само кон нашите безбедносни сили, кон полицијата, туку, што е поважно, сфаќаме дека пукаат и кон обични луѓе, вели иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.
Американските организации објавуваат дека бројот на загинати во двонеделните протести е над 500 лица, но предупредуваат дека овие бројки може да се и многу поголеми бидејќи исклучениот интернет и блокираните телефонски линии го отежнуваат утврдувањето на вистинскиот обем на немирите. Иранската влада, пак, сè уште нема објавено официјални податоци за вкупниот број на загинати.
Иран е веќе трета недела во масовни антивладини протести, поради сериозните економски проблеми и падот на вредноста на националната валута.
Дури и по цена да влијае врз НАТО, ќе го земеме Гренланд на еден или на друг начин. Американскиот претседател не се откажува од намерата да го превземе островот, кој е дел од данското кралство.
-Ако не го земеме Гренланд, ќе го сторат тоа Русија или Кина. И јас нема да дозволам тоа да се случи. Зборуваме за стекнување, а не за лизинг, а не за краткорочно. Зборуваме за стекнување. И ако не го направиме тоа, ќе го сторат тоа Русија или Кина. И тоа нема да се случи кога јас ќе бидам претседател, изјави Трамп.
По ваквите најави, Британија, Германија и Франција се подготвуваат за распоредување на своја војска на Гренланд. Целта е да го заштитат островот од потенцијални закани од Русија и од Кина, но и да го убедат Трамп да се откаже од амбициите за анексија на островот.
Студен бран со снежно невреме ја зафати Европа и целиот регион на Западен Балкан. Србија прогласи вонредна состојба во 11 општини поради екстремно ниските температури и високите снежни наноси, Хрватска е во длабок минус со температури и до 26 степени под нулата, а во Албанија се трага по исчезнати во поплавите кои ја зафатија државата.
Темеператури од минус 21 степен утрово се измерени и во Словенија, а Босна и Херцеговина е во портокалов метеоаларм.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
