Loading Video...
Свет
18. February 2026 - 12:25

Преглед на вестите од светот

Илјадници антивладини демонстранти, предводени од студенти, се собраа во Белград во вторник барајќи предвремени избори и одговорност за насилството што избувна еден ден претходно на северот од земјата. Во понеделникот во Нови Сад, неколку антивладини демонстранти беа повредени во судири со поддржувачите на Вучиќ, откако демонстрантите се обидоа да го блокираат настанот организиран од државата по повод 200-годишнината од најстариот културен институт во Србија.

Во Белград, демонстрантите фрлаа ракети кон полицијата во населбата Нови Београд, каде што претходно во текот на денот стотици луѓе протестираа против изградбата на аквариум за кој велат дека ќе оштети јавен парк.Демонстрантите и организациите за заштита на човековите права ја обвинуваат полицијата за употреба на прекумерна сила, а владата за задушување на медиумските слободи и таргетирање на политичките противници.

Инаку, претседтелот Александар Вучиќ, претседател од 2017 година, го отслужува својот втор и последен петгодишен мандат, кој истекува во 2027 година. Тој вети дека ќе свика предвремени избори во наредните месеци.

Министерството за надворешни работи на Оман соопшти дека на последната рунда индиректни разговори меѓу делегациите на Иран и САД во Женева е постигнат опиплив напредок и дека е отворен пат за идни дискусии.

Разговорите се фокусирале на идентификување на заедничките цели и решавање на техничките прашања. Средбата траела три часа. Преговорите се одвиваат во услови на засилени регионални тензии, а американскиот претседател Доналд Трамп нареди дополнително воено распоредување во регионот, вклучувајќи и носач на авиони со илјадници војници, воени авиони и разорувачи со наведувани ракети. Техеран соопшти дека одлучно ќе одговори на секој напад.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Киев е одлучен да стави крај на војната и прашање е што сакаат Русите.

Според него, дури и на денот кога беше покрената нова рунда преговори во Женева, Русија одговори со напад. Инаку, во Женева заврши првиот ден од новата рунда трилатерални преговори со учество на претставници на Украина, САД и Русија. На состанокот непосредно биле присутни и европски советници за безбедност. Според најавите трите страни со работа треба да продолжат и денеска.

Три од департманите во Франција беа ставени од метеоролошката служба во црвена тревога, највисокото предупредување, за поплави и високи нивоа на вода, а поголем дел се во портокалова. Два департмана: Мен и Лоар ќе останат во црвена тревога и денеска бидејќи се очекуваат повеќе дождови. Жителите на западниот француски град Дене ги напуштија своите автомобили и се движеа со чамци во текот на вчерашниот ден додека поплавите ги поплавија улиците и куќите. Речиси 1.600 луѓе се евакуирани откако реката Гарон се излеа минатата недела, кога бурата Нилс донесе обилни врнежи.