Loading Video...
Свет
25. February 2026 - 12:22

Преглед на вестите од светот

Генералното собрание на Обединети нации усвои резолуција, со која се повикува на сеопфатен, праведен и траен мир во Украина.

Резолуцијата ја поднесе Украина со повеќе од 45 држави коспонзори, а усвоена е со 107 гласови „за“ меѓу кои и Македонија, 12 „против“, меѓу кои и Русија, и 51 „воздржани“ меѓу кои и САД. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на платформата Икс се заблагодари до 107-те земји кои застанаа покрај Украина во одбрана на животот.

Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да се постигне договор за завршување на војната во Украина пред да биде домаќин на 250-годишнината од независноста на Америка на 4 јули, изјавија високи американски претставници за „Блумберг“.

За време на својата претседателска кампања Трамп постојано ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа од преземањето на функцијата. Речиси 400 дена од неговиот втор мандат трилатералните разговори не успеаја да доведат до договор, а Владимир Путин, според официјалните лица, не покажува знаци дека е подготвен за компромис.

Трамп сега сака да ја заврши војната за четири месеци, но Кремљ на четвртата годишнина од почетокот на војната соопшти дека ќе продолжат борбите сè додека не ги постигне своите цели во Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека непријателите на Москва веројатно сфаќаат како би завршил евентуален напад „со нуклеарен елемент“ против Русија или руските сили, објавија британските медиуми.

Коментарите на Путин дојдоа откако руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) претходно изрази загриженост за можните испораки на елементи за технологија на нуклеарно оружје за Украина од Велика Британија и Франција.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт Раванчи изјави дека Техеран е подготвен да ги преземе сите неопходни чекори за да постигне договор со САД. Следниот круг од преговорите со САД за иранската нуклеарна програма ќе се одржат в четврток во Женева. Иран и САД во текот на месецот ги обновија преговорите по засилувањето на американското воено присуство во Блиски Исток, а претседателот Доналд Трамп во петокот изјави дека размислува за ограничени напади врз Иран, со цел да го принуди Техеран на договор за неговата нуклеарна програма.

Изгорени возила и остатоци од приколки беа расфрлани по мексиканските автопати по серија блокади што ги прекинаа главните патишта во западно Мексико. Националната гарда и регионалната полиција помогнаа сообраќајот да се обновува. Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум изјави дека разговарала со гувернерите на државите Халиско и Мичоакан и дека властите работат на нормализирање на училишните активности на 25 февруари, додека аеродромот Гвадалахара и Пуерто Ваљарта постепено ги продолжуваат операциите.

Блокадите и палењето на возилата се случија по апсењето и убиството на водачот на картелот „Нова генерација“ во Халиско, Немесио Осегера, познат како „Ел Менчо“, од страна на мексиканските безбедносни сили во неделата.