Loading Video...
Свет
7. March 2025 - 12:27

Преглед на вестите од светот

Студентите во Србија повикаа за денеска на генерален штрајк и добија поддршка од проширената ректорска управа на Универзитетот во Белград, Адвокатската комора на Војводина и Белград и неколку различни синдикати, здруженија и иницијативи. Во објавите на социјалните мрежи, студентите во блокада ги повикуваат граѓаните „да ги запрат луѓето околу себе“, да излезат надвор, да не трошат пари и да не одат на работа, јави Бета.

Им препорачуваат да земат слободен ден од работа или боледување и да ги повикаат колегите да им се придружат. Тие исто така ги повикаа да не одат во кафулиња и ресторани, да не купуваат во супермаркети, да не се посетуваат кина и театри. Генерален штрајк свикаа и бројни средношколци, кои за денеска најавија протестна прошетка во Белград.

Лидерите на земјите членки на Европската Унија на специјалниот европски совет синоќа не успеаја да постигнат консензус за предложените заклучоци за поддршка на Украина, откако со нив не се согласил унгарскиот премиер Виктор Орбан.  

Во усвоената официјална верзија на заклучоци во само три точки се посочува дека членовите на Европскиот совет имале размена на мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека на прашањето за Украина ќе се навратат на својот следен состанок  

- Европскиот совет разговараше за последните случувања во однос на Украина, се наведува кусо во документот, при што се додаваа дека предложените заклучоци за усвојување биле „цврсто поддржано од 26 шефови на држави или влади“.  

Поради ветото на Орбан, овие предлози за Украина не се вклучен во официјалните писмени заклучоци од Самитот, туку само се приложен како посебен текст под ознаката „документ ЕУЦО 10/25“.   

Сите мора да се погрижат Русија, која е единствениот предизвикувач на оваа војна, да ја прифати потребата за нејзино прекинување и да запре со нападите врз енергетската и друга цивилна инфраструктура со проектили, бомби и беспилотни летала и со воените операции во Црното Море, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој додава дека во вакви околности потребно е и да се забрза работата на преговорите за членство на Украина во ЕУ.

Високи претставници на администрацијата на Трамп следната недела ќе отпатуваат во Саудиска Арабија за да се сретнат со украинските претставници, јавија Фокс њуз и Аксиос. Средбата ќе се одржи в среда, повикувајќи се на два неименувани извори.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе биде американскиот претставник а Андриј Јермак, главен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, ќе ја претставува украинска страна. На 18 февруари во Ријад се одржа американско-руска средба.