Македонија
18. July 2020 - 16:38

Преговорите за новата Влада се одвиваат далеку од очите на јавноста

Додека лидерот на СДСМ Зоран Заев замина на одмор и најави разговори за составување на Влада дури по Илинден, високи партиски извори коментираат дека сепак преговори, и тоа со ДУИ која ги има неопходните 15 пратеници и ДПА со еден пратеник, на пониско ниво има. Делумна потврда дека составувањето на владиниот кабиент е на маса стигна и од Андреј Жерновски на Фејсбук.

„Сите патишта водат кон Бихаќка и Заев. Кога ќе се прочитаат Уставот, законите и изборните резултати, вистината е само една- сите патишта водат кон Бихаќка и Заев. Се’ друго е приказна за големи деца и мали политичари“, напиша Жерновски.

Од составување на Влада не се откажува ни ВМРО-ДПМНЕ, која има само два пратеника помалку од СДСМ, но и која може да ги изедначи пратеничките мандати доколку соработува со „Левица“ на Апасиев. Од партијата на Мицкоски иако потврдуваат дека се разговара, не откриваат детали со кого тоа го прават.

Од друга страна, од ДУИ, и официјално велат дека преговараат со двете страни и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ. За нив условот е оној од пред избори – премиер Алабнец. Сепак, интегративците според одредени најави, ќе имаат и други услови, па дури и отстапки.

Од „Левица“ чии двајца пратеници би биле клучни за составување на Влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ, велат дека засега најдобро би било да останат опозиција.

Апасиев децидно одбива да биде во влада со Заев или Ахмети.

Брисел веќе испрати порака дека очекува силен парламент и стабилна коалиција, за државата да може да одговори на ЕУ предизвиците.

Според уставните и законските рокови, конститутивната седница во Собранието треба да се одржи најдоцна 20 дена од изборите односно до 5 август. Доколку биде јасно кој го има мнозинството претходниот собраниски спикер Џафери би ја свикал седницата и порано, некаде на 30 јули, откриваат собраниски извори.

Од тој момент тече 10 дневен рок за шефот на државата Пендаровски да го додели мандатот за составување на Влада. Мандатарот пак, ќе има 20 дена да го состави својот владин кабиент, но и да ја напише и програмата. Владата треба да добие поддршка од најамлку 61 народен избраник.