Пресуда за хеликоптерската несреќа од 2014-та: Досудени условни казни
Струмичкиот суд донесе осудителна пресуда за хеликоптерската несреќа која се случи во 2014 година во близина на Струмица, а во која загинаа четворица пилоти на МВР.
Според пресудата обвинетата, тогашната директорка на јавното претпријатие Национална Радиодифузија Јулијана Спировска доби условна казна затвор од две години доколку делото не го повтори во наредните три години, технички директор Драгослав Радески една година и шест месеци условна казна доколку делото не го повтори во наредните две години.
Национална радиодифузија е казнета со парична казна во износ од 1 милион денари. Според пресудата тие се товарат дека сториле тешки дела против општата сигурност.
Пресудата била донесена врз основа на бројни докази кои биле изведени во текот на постапката но и супер вештачење од странски експерт кое судот го побарал откако претходно имало две други спротивставени вештачења.
На пресудата најавени се жалби, од обвинителството, кое ќе се жали на висината на изречената казна, а осудените на изречената казна за која сметат дека треба да е ослободителна.
Хеликоптерот во кој загинаа четворицата пилоти на МВР се сруши на 10 јули 2014 година. Во кобниот момент тој бил на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад.
Во моментот на уривањето тој удрил во антенски столб на тогашната „Македонската радиодифузија“.
Сите четворица пилоти починале веднаш.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар