Македонија
24. October 2022 - 16:32

Претседателката на ЕК во среда доаѓа во Скопје, нејзиниот кабинет не открива каква помош ќе донесе

Порака за солидарност, финансиска помош за енергетската криза и поддршка за ЕУ интеграција на регионот. Што носи посетата на Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен најавена за в среда? Мини турнејата во земјите од Западен Балкан, почнува со посета на Македонија, а до крајот на неделата, Фон Дер Лајен, ќе ги посети уште Косово, Албанија, Босна, Србија и Црна Гора. Портпаролот на Европската комисија не откри дали Фон дер Лајен носи директна помош за справување со енергетската криза - вели, целта на посетата е да се покаже дека регионот е важен за Европската Унија.

Во меѓувреме, црногорската министерка за европски прашања, во изјава за тамошните медиуми, открива дека за ублажување на последиците од енергетската криза, ЕУ планира да одвои една милијарда евра. Маровиќ, вели дека иницијативата за помош е покрената од Македонија, која како што вели, е најмногу погодена од енергетската криза.

И регионот да биде вклучен во Европските планови за помош, уште минатиот месец побараа лидерите на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“.

Минатата недела пак, министерот Бектеши преку писмо побара од Европската комисија да помогне во справување со последиците од енергетскта криза. Субвенции за изградба на фотонапонски централи за домаќинства и мали претпријатија, но и директна финансиска помош за фирмите кои купуваат струја на отворен пазар гласи барањето испратено до Брисел.

Едно од барањата на земјава за помош од официјален Брисел, е и набавка на струја од Бугарија преку компензација на пазарната цена. 

Додека се очекува ЕУ да открие како ќе и помогне на земјава, македонскиот премиер, објави дека од Србија е обезбеден гас за болниците и училиштата, ама, без детали за колкави количини се договорени.