При полициска контрола во „Пулс“, лиценцата не им била дадена на увид
Сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, не им ја дал лиценцата за работа на полицајците кои во март 2023 година биле во контрола на дискотеката. Ова денеска во судница го кажа сведокот, Деспина Симеонова, која по предлог на обвинителството, сведочеше на судењето за деветтемина полицајци обвинети дека овозможиле дискотеката незаконски да добие дозвола за работа. Според сведокот, лиценцата ја побарал нејзин колега, но Јованов се правдал дека документот бил кај книговодителот.
„Од страна на сопственикот Дејан Јованов, лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот, бидејќи лиценцата не е во просториите на дискотеката. Од моја страна и од страна на колегата тоа беше нотирано во извештајот од спроведената контрола“, кажа во судницата сведокот Деспина Симеонова, инспектор во Регионален центар за гранични работи – Исток.
Таа додека дека тешко се пристигнувало со возило до објектот. Се паркирало на сите страни, па како што рече било хаос. За одбраната, таквиот исказ на сведокот бил небитен. Од обвинителството пак сметаат дека сведочењето е во корист на обвинението за злоупотреба на службената пололжба со кое се гонат полициските службеници.
„Присуството на овие сведоци и нивните искази не е случајно. Секоја една информација дадена од нивна страна по однос на поставени прашања има значење за она што се наведува во обвинението“ изјави, Спасенка Андонова, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК
Дел од адвокатите обвинија дека не можат да ги обезбедат материјалите кои ќе помогнеле во одбрана на обвинетите.
„Не можеме да го добиеме за првообвинетиот главниот доказ кој се наоѓа во СВР Штип. На тој доказ, на таа службена белешка јасно стои дека првообвинетиот не дал согласност во врска со дискотеката „Пулс“, а потоа по наредба на повисоки старешини ја изменил одлуката“, изјави Емил Нетков, Адвокат на првообвинетиот Димче Аврамов.
Деветтемина полицајци се обвинети дека дозволиле кочанската дискотека да добие лиценца иако објкетот немал соодветен паркинг и нецелосно утврдиле дали се воделе постапки за нарушен јавен ред и мир во објектот.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
