Македонија
7. September 2019 - 16:37

Прилепчанката Мери Мирчевска ја заврши трката околу Мон Блан

Прилепчанката Мери Мирческа успеа да истрча фантастични 170 км. за околу 42 часа и со тоа да ја заврши најтешката планинска трка во светот „Ultra Trail Du  Mon Blan“, или трката околу планинскиот масив Мон Блан која се смета за неофицијланио светско првенство во планинсмо трчање. Со ова Мирческа е втората Македонка која ја завршила оваа трка. 170 км. Мирческа ги истрча без поголеми паузи за одмор и без спиење. Трката ја започна на 30 август, а ја заврши на 1 септември. Вели дека после 120 истрчан км. како да влегуваш во друга димензија каде најзначајна е психичката подготвеност

„Почнуваш да халуцинираш, поради тоа што долго време си на терен, долго време си без спиење, почнуваш да си разговараш саимот со себе си, со својот внатрешен глас дали да продолжиш, дали да го намалиш темпото, дали да го успориш темпото, постојано сакаш да легниш и да спиеш, нормално дека ти се спие, физиолошка потреба е, меѓутоа ти се бориш со тоа да не заспиеш, бидејќи ќе ти се одземе дополнително време и финишот ќе ти биде многу спор“, истакна Мирческа.

Најпрекрасниот момент го доживеала на финишот кога тркачите ги пречекувале илјадници луѓе од целиот свет.

„Долги километри беа редици на луѓе кои не пречекуваа. И не ми значеше еден час повеќе или помалку, бидејќи не се борев за некој пиедестал или за некое место, едноставно си дозволив луксуз да едноставно уживам во финишот, да ја примам сета таа позитивна енергија од гледачи и да ја гледам таа глетка, која можеби никогаш повеќе во животот нема да ми се повтори, толкава публика, со толкава позитивна енергија да ме пречекува“, додаде Мирческа.

Мирческа сега ќе прави пауза од околу 1 месец и потоа повторно продолжува со планинските трки, во и надвор од Македонија.