Македонија
30. March 2021 - 20:39

Притисокот врз гевгелиската болница продолжува да расте

Притисокот врз гевгелиската болница продолжува да расте. Од управата велат дека моменталната состојба со бројот на активни случаи е крајно загрижувачка. Секојдневното рапидно зголемување на нови позитивни на корона вирус  доведува и до се поголем број на пациенти кои имаат потреба од болнички третман. Зголемениот број на пациенти го отежнува и функционирањето на болницата која веќе извесен период се соочува и со недоволен број на медицински персонал.

 - Енормниот наплив на пациенти доведува до значително отежнато функционирање на болницата која има ограничен капацитет за згрижување пациенти. Кон ова треба да се додаде и редуцираниот персонал заради болест, изолација што не доведува во една незавидна ситуација. Практично, се е ориентирано кон справување со пандемијата. Последните бројки се 26 хоспитализирани, над 70 пациенти на третман во дневна болница и над 20 пациенти во домашни услови за кои се грижи тимот на итна медицинска помош и домашни посети со тенденција на зголемување на сите овие бројки, вели д-р Митко Крџев - директор на општа болница Гевгелија

Освен во модуларната болница, Ковид позитивни пациенти се хоспитализираат и во невро психијатриското одделение кое беше адаптирано за таа намена. Во моментов во десетте општи од југоистокот има 935 активни случаи со корона вирус. Од нив 373 се на подрачјето на општина Гевгелија.