Продолжува илегалниот премин на македонско-грчката граница, во Струмица фатени шест мигранти од Пакистан
Полицијата откри нова група мигранти кои нелегално влегле на македонска територија со намера од тука да продолжат до некоја од земјите на ЕУ. Се работи за шест лица од Пакистан кои биле откриени синоќа на полноќ.
Мигрантите се пронајдени во близина на автобуската станица во Струмица од страна на полицајци од станицата за граничен надзор и гранични проверки Ново Село. По контролата сите шестмина пакистанци се однесени во прифатниот центар во Гевгелија.
Ова е само еден во низата случаи кои полицијата секојдневно ги открива, а се однесуваат на нелегалниот влез и транзит на мигрантите низ нашата држава. Последните податоци говорат дека после двегодишното константно намалување, годинава повторно расте бројот на обидите за нелегален премин на државните граници.
Од почетокот на оваа година па заклучно со месец мај на сите граници спречени над 3300 лица кои се обиделе нелегално да остварат влез во Република Македонија.
Најголемиот број од нив биле спречени на јужната граница. На овој дел од државата за пет месеци македонските погранични служби спречиле 3150 лица при обид за илегално преминување на границата, бројка која е скоро двојно поголема за разлика од лани, кога за цела година биле регистрирани околу 3200 такви обиди. Токму државјаните на Пакистан се најбројни , следуваат лицата од Сирија, а потоа од Алжир.
Пред две недели на магистралниот пат Радовиш- Штип во близина на рудникот Бучим дојде до сообраќајна несреќа во која учествуваше комби возило полно со мигранти од Бангладеш и Шри Ланка. Во несреќата две лица го загубија животот а 21 беа повредени.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
