Македонија
22. August 2025 - 12:29

Продолжува негативниот тренд на намалување на бројот на првачиња

Продолжува трендот на намалување на бројот на запишани првачиња. Годинава во 5-те основни училишта во Штип, запишани се 35 првооделенци помалку од лани. Според спроведените анкети и истражувања, ова се должи на иселувањето на цели семејства во западно европските земји или во другите градови во Македонија. Сепак, позитивно е тоа што се очекува бројот на новозапишани првачиња да се зголеми во септември, кога се враќаат со родителите кои биле на сезонска работа.

-Малку е намалена бројката, но не е загрижувачка, какошто беше минатите години и беше еден негативен тренд. Бројката на запишни првчиња во моментот изнесува 363 дечиња, а минатата година во овој период сме имале 398 првачиња, изјави Снежана Санева, раководител на сектор за образование, јавни дејности и ЛЕР, ЛС- Штип.

Негативен тренд има и во останататите општини од Истокот, а на ниво на држава за изминатите 7 години бројот на првачиња се намалил за 3400. Со измените на Законот за основно образование, генерално се почитува реонизацијата, односно, децата се запишуваат во училиштата кои се најблиску до семејниот дом. Меѓутоа, се уште се регистрираат исклучоци.

-Да кажеме дека е подобрена состојбата на тоа поле и родителите ги запишуваат децата во реоните каде припаѓаат, иако има спорадични појави на недобри практики, односно менување на адресите за живеење се со цел да го запишат своето дете во училиштетот во кое тие сакаат, додаде Санева.

Од општината информираат дека и годинава ќе обезбедат бесплатни училишни униформи за сите основци, а првачињата ќе ги добијат на крајот од септември.