Продолжува судењето за случајот „Онкологија 2“ со вкрстено испитување на сведок од ФЗО

Во Основниот кривичен суд – Скопје, денеска, продолжува судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој за незаконско набавување лекови, прикривање преку фиктивни тендери и присвојување на дел од терапијата, се обвинети поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и економскиот директор на Клиниката, Нехад Нухи.
Судската расправа продолжува со вкрстено испитување на сведок предложен од обвинителството, кој бил поранешен финансиски раководител во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), откако на претходното рочиште расправата беше прекината поради приватни обврски на еден од членовите на Судечкиот совет.
На минатото рочиште, за време на вкрстеното испитување, сведокот одговараше на прашања од бранителот на првообвинетиот Васев, адвокат Дељо Кадиев, поврзани со буџетот за терапија, јавните набавки и постапките за добивање согласности од Фондот и Министерството за здравство.
Финансискиот раководител во ФЗО, сведочеше дека на средбите со двајцата сега обвинети директори постојано била укажувана потребата од дополнителни средства поради зголемувањето на бројот на пациенти кои примале терапија што не се наоѓала на позитивната листа. Во однос на порастот на долговите на Клиниката, сведокот нагласи дека значително зголемување било евидентирано кон крајот на 2021 година.
Во делот за јавните набавки, сведокот појасни дека постапките се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки и дека „начелото на конкуренција не може да биде повредено бидејќи не постои конкуренција“ кога станува збор за лекови од единствен производител.
Претходно, на прашања на обвинителството за финансиското работење на Клиниката во периодот од 2018 до 2022 година, сведочеше раководителка на Одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење на Клиниката за онкологија. Таа пред судот наведе дека во тој период вршела контрола, координација и подготовка на финансиски и статистички извештаи, завршни сметки, како и редовна комуникација со Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и Државниот завод за статистика.
Сведокот посочи дека нејзините ингеренции ѝ биле одземени на почетокот на 2020 година, објаснувајќи дека по тринеделен ковид-карантин утврдила дека дел од нејзините обврски биле префрлени на колешка, без писмено решение. Таа сведочеше и за соработката со обвинетиот Васев, наведувајќи дека до почетокот на ковид-пандемијата соработката била добра и дека Клиниката немала долгови, но, како што рече, „пред да се разболам приметив дека Васев имаше поладен однос кон мене“.
Одбраната на Васев, адвокат Боби Спирковски, предлогот на сведоци од обвинителството го оцени како „класичен конфликт на интерес“, со што, според него, се нарушува законитоста на доказната постапка. Спирковски наведе дека сведокот, како раководителка на Клиниката, „перманентно инсистирала плаќањата за кои била задолжена да одат преку сметката на една веледрогерија“, посочувајќи дека нејзиниот сопруг работел во „најголемата веледрогерија која ја снабдувала Клиниката со лекови – д-р Пановски“.
Судењето за случајот „Онкологија 2“ започна одново во ноември минатата година поради промена на поротник. На претходните рочишта сведочеше и пациентка која примала хемотерапија и имунотерапија, која пред судот изјави дека една од терапиите ѝ била дадена надвор од стандардната процедура и без евидентирање во регистарот. Според нејзиниот исказ, при деветтата посета на Клиниката, Васев ѝ соопштил дека лекот е во недостиг и дека имаат останато само три шишенца, од кои едно ѝ било дадено без да биде заведено во регистарот.
Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти
МИА
Ново на Сител
-

СВР Скопје станува Оддел за внатрешни работи, поголеми ингеренции и повисоки плати за скопската полиција
-

Превозниците во паника – не депортираат од Унијата како криминалци
-

Од денеска извод за родени, (не)венчани и умрени можете да си извадите електронски
-

Трамп го формираше Одборот за мир, со нејасни цели и контроверзен состав
-

Фидоски положи свечена заклетва
-

Седум и пол години затвор за обид за убиство на бабата и шурата
-

Охрид ја засилува патролата
-

Преглед на вестите од светот
