Македонија
9. February 2018 - 16:48

Продолжува трендот на обиди за нелегален премин на јужната граница од страна на мигрантите

Обидите за нелегален премин на јужната граница не запираат. И покрај тоа што балканската мигрантска рута е затворена скоро две години македонските погранични органи секојдневно откриваат нови случаи на илегални премини на државните  граници.

Во текот на минатата година биле спречени вкупно 4129 такви обиди од кои дури 50%  биле на влез во Република Македонија, во најголем дел на границата со Грција.  Според структурата најброни биле лицата од Пакистан, нивниот број е нешто повеќе од 1000, а потоа следуваат државјаните на Сирија и Алжир.

Ваквиот тренд продолжува и во текот на оваа година. Во јануари на македонско грчката граница се спречени 314 обиди за илегално преминување.

Од почетокот на годината зголемен е и бројот на лицата кои се сместени во транзитните центри Винојуг и Табановце.  Од 20 лица во двата центри колку што бил до 31  декември сега е зголемен  на  34 лица.

Паралелно со обидите за нелегален премин на границите продолжуваат и обидите за криумчарење на мигранти. Лани биле откриени 19 такви случаи во обид  да се прокриумчарат вкупно 218 мигранти . Во овие случаи против 36 лица се преземени мерки на кривичен прогон.  Најголемиот дел од нив или 88% се македонски државјани, а останатите од Албанија, Грција и Грузија. Минатата година пограничните органи сузбиле и организирана криминална група, дел од меѓународна криминална мрежа инволвирана во вршење на „криумчарење на мигранти“ предводена од странски државјани-илегални мигранти од земјите на Блискиот Исток. За ваквите криминални активности кривично се пријавени 23 лица.

Од почетокот на 2018 година откриени се четири случаи во обид да бидат прокриумчарени вкупно 33 мигранти од кои најголемиот дел повторно доаѓаат од Пакистан и Сирија. Три од овие случаи веќе се расветлени и против четири лица од кои тројца македонски и еден бугарски државјанин  поднесени се кривични пријави за сторени кривични дела,, криумчарење мигранти.