Продолжуваат партиските комбинаторики за состав на новата Влада
По смената на Статутот, почнуваат кадровски провени во ВМРО-ДПМНЕ. Првите смени, како што брифираат извори од партијата, треба да почнат во наредните неколку денови. Нови кадровски решенија се очекуваат на сите нивоа - од централно до локално. Не се исклучуваат промени и во извршниот комитет и партискиот секретаријат. Согласно новиот Статут, како што велат изворите, идеите пред се ќе стигаат од општинските комитети.
Подновувањето на ВМРО-ДПМНЕ се поврзува и со претендирањето на партијата да ја формира идната влада иако за премиерското столче претендираат и во СДСМ. Двете партии се уште не ги откриваат нивните коалициски договори пред се со албанскиот блок политички партии. Во комбинациите и на двете партии влегуваат ДУИ и Алијанса на Албанците, но и пратеници од спротивниот табор кои би дале поддршка на поширок владин кабинет.
Од Бихаќка децидни дека тие се идната власт.
-Следува формирање Влада предводена од СДСМ која ќе испорача резултати согласно волјата на граѓаните. СДСМ е подготвена да работи уште повеќе и уште подобро и го испорача резултатот кој го очекуваат граѓаните. Поддршката на предвремените парламентарни избори од граѓаните е ветер во грбот и јасен сигнал за продолжување на патот кој го трасиравме, коментираат утринава од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека власт на СДСМ не може да биде во корист на граѓаните.
-Со СДСМ на власт не може да има добар и квалитетен живот во државата. Владата на СДСМ предводена од Зоран Заев во овој мандат не сработи апсолутно ништо. Не успеа да реализира ниту едно ветување кое го имаше во предизборна кампања. Ветуваа живот за сите граѓани, а живот дојде само за лицата блиски до СДСМ, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ
Од друга страна засега молк од ДУИ за тоа чија поддршка ќе дадат 15-те пратеници на партијата,особено поканата на Ахмети за изјава во Меѓенуародниот суд во Хаг. Бујар Османи, пак, вчера објави нова платформа за албанските партии од 5 точки: На изборите да нема повеќе од две листи од албанскиот блок, партијата која ќе добие глас повеќе да зборува во име на Албанците, листата која ќе добие помалку гласови да дава поддршка на победничката листа за стратешките прашања, листата која губи да нема право да води разговори за влез во влада и да има разни формина соработка меѓу овие две партии.
Оваа платформа на ДУИ екпресно беше отфрлена од коалицијата на Алијансата на Села и Алтернатива на Гаши иако вчера кажаа дека априори не одбиваат да бидат во Владата во која е и ДУИ. Од Алијанса за Албанците и Алтернатива не откриваат дали веќе преговараат со некоја од носечките партии. Оваа коалиција денеска, во знак на револт од изборните резултати кои според нив биле резултат на уцени и полнење на кутии, ќе маршираат од Чаир до ЕУ инфо центарот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
