Прогласена „голема катастрофа“ во Панама по силниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени

Панама се соочува со „голема катастрофа“ по силниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени, кој предизвика уривање згради во јужниот дел на земјата, изјави панамскиот претседател Хозе Раул Мулино.
Тој соопшти дека патиштата во најтешко погодените области се „целосно уништени“, но не прецизираше дали има загинати.
„Она што се случи не смее да се користи за ширење паника или предизвикување немири“, напиша претходно претседателот Мулино на платформата Икс (X), повикувајќи ги граѓаните да останат смирени.
Земјотресот оштети неколку објекти во Панама, меѓу кои и катедралата „Свети Јован Крстител“ во Пенономе, а регистрирани се и десетици последователни потреси.
Панамскиот институт за геонауки (IGC) соопшти дека повеќе од 100 последователни потреси уследиле по земјотресот со магнитуда меѓу 7,5 и 7,7, кој вчера го потресе југоисточниот дел на земјата.
Како мерка на претпазливост, граѓаните ги напуштија зградите, продавниците и училиштата во неколку области. Владата ја откажа попладневната настава во целата земја, а работата на меѓународниот аеродром „Токумен“ беше привремено прекината поради безбедносни проверки.
Во меѓувреме, беше укинато предупредувањето за цунами долж пацифичките брегови на неколку земји, издадено по силниот земјотрес во Панама.
Претходно беше издадено предупредување за цунами за крајбрежните области на девет земји: Панама, Колумбија, Костарика, Еквадор, Перу, Никарагва, Гватемала, Ел Салвадор и Мексико. Постоеше опасност од бранови високи од еден до три метри во делови од панамското крајбрежје.
МИА
Ново на Сител
-

Дендијас: Западен Балкан е потенцијален извор на дестабилизација, Европа не смее да го занемари
-

Министерството за правда: По 30 години, нов Кривичен законик
-

Рубио: Трамп мисли дека Израел е доволно богат за да си купи оружје
-

Јамболии, пелени и влажни марамчиња секојдневно ја затнуваат скопската канализација
-

„Безбеден град“ прогласен за најдобар проект за сообраќајна безбедност во Дубаи
-

Тошковски најави мобилни камери и контроли на сообраќајните црни точки низ државата
-

Финска нуди бесплатно патување на 16 мажи и жени од целиот свет со сите платени трошоци и состанок на слепо
-

„Лајка“ со зголемен обем на работа, 52 отсто повеќе заловени кучиња во првите десет месеци од годината
