Протест на пензионерите пред Собрание
Новогодишни пакетчиња полни со износени чевли им подарија денеска пензионерите на пратениците. На голем протест, четврти по ред, во Скопје, блокирајќи ја улицата пред Собранието, побараа од пратениците да ги исполнат нивните барања за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, а најниската да изнесува 18.000 денари.
Пензионерите пред камерата на Сител ТВ се пожалија дека со моменталните примања, не можат да го истуркаат месецот. Побараа и од претседателот, и од премиерот да реагираат и да ги исполнат нивните барања, кои ги повторуваат на улиците во изминатите четири месеци.
Инаку денеска, само пратениците од опозицијата излегоа од Собранието за да ги поддржат барањата на пензионерите.
За потсетување, Владата го достави предлог-законот до Собранието во однос на антикризните мерки, во кои се вклучени и финансиски надоместоци за пензиoнерите, но истиот се уште чека зелено светло од пратениците.
Доколку се усвои предлог-законот, финансиска поддршка во износ од 1.500 до 3.000 денари ќе добијат пензионерите со примања до 19.000 денари, во следните пет месеци.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
