Македонија
7. September 2021 - 12:24

Пуштен во употреба рекреативниот комплекс кај Прилепско Езеро

Во употреба беше пуштен спортско рекреативниот комплекс кај Прилепско Езеро насловен како „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“, проект финансиран од страна на ЕУ и Владата, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Истиот е администриран од Светска Банка. Комплексот содржи мултимедијално плато, летниковци, урбана опрема, кошаркарско игралиште со трибина, одбојкарско игралиште, 4 маси за пинг понг, 4 детски игралишта, кои сите се осветлени за да може да се користат и во ноќните часови. Изградена е пешачка патека со должина од 700 метри и ширина 1,5 метри. 

„Најголемиот и најубавиот објект во функција на рекреативната зона е мултимедијалниот простор под сенките на зимзелената шума, кој претставува  комплекс од 3 летниковци и 20 клупи за седење, како и плато кое ќе служи за изведување на културни и забавни манифестации, концерти и место за дружење на посетителите“, рече Илија Јованоски, градоначлник на Прилеп.

Овој проект е еден од 57 проекти финансирани преку Проектот за локална и регионална конкурентност на ЕУ во Македонија. Велосипедската патека која беше предвидена не е реализирана бидејќи имало грешка во проектот, а парите за неа според општината биле пренасочени во овој комплекс. Инаку проектот од непознати причини се реализира со големо задоцнување.  

Да го зачуваме овој прекрасен простор, да го надоградуваме, да водиме сметка за него, бидејќи навистина сметам дека едно прекрасно место, каде не само прилепчани туку и гости од страна може да дојат и да уживаат, во убавините и можностите кои ги нуди овој спортско рекреативен центар“, рече Антониа Шишак, директор на проектот за локална и регионална конкурентност.

Комплексот ќе се даде на користење и одржување на ЈКП Комуналец. Истиот има видео надзор и стражарска служба која таму ќе биде присутна 24 часа.

Ние тука секојдневно ќе се грижиме за хигиената пред се, за одржување на инфраструктурата, а понатаму и за збогатување и на содржините“, вели Сашо Велески, директор на ЈКП Комуналец Прилеп.

Главниот апел кој беше упатен при отоврањето на комплексот беше да се чува од страна на граѓаните и да не расфрла на ѓубре на сите страни, затоа што во последниве денови бевме сведоци како летниковците се буквачно затрупани со ѓубре, иако контејнерите се наоѓаат на само неколку метри од нив.