Пуштена во употреба новата детска градинка во Теарце, 147 деца ќе бидат згрижени

Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и градоначалникот на општина Теарце, Даут Мемиши, денеска пуштија во употреба нова детска градинка во селото Пршовце со капацитет за 147 деца.
Изразувајќи задоволство за пуштањето на објектот, претседателот на Владата, Мицкоски, им се заблагодари на сите што посветено работеле и помогнале во реализацијата на овој значаен проект за регионот.
- Би сакал да кажам дека сум исклучително среќен што денеска, заедно со колегите од Владата, со градоначалниците, со градоначалникот на општина Теарце, со пратениците од македонското Собрание, со граѓаните на општина Теарце, сведочам на пуштање еден објект, кој е многу значаен за оваа општина, но и пошироко, би рекол, има регионално значење. Со пуштањето во функција на овој објект веќе немаме листа на чекање, односно капацитетите се, што се вели, исполнети - 147 дечиња ќе може да растат, да другаруваат и да ги поминуваат своите детски години токму во овој прекрасен, енергетски ефикасен објект - истакна Мицкоски.
За градоначалникот на Теарце, Даут Мемиши, Мицкоски рече дека затекнал многу проблеми, но оти со својата посветена работа ги решава овие проблеми и еве денеска сведочиме на пуштање на овој објект.
- Да им се заблагодарам на сите пратеници од Полошкиот Регион, кои се борат за проект повеќе за да може такви проекти да се реализираат уште повеќе, бидејќи со нивната работа тие не само што ја поддржуваат работата на Владата туку навистина сакаат да создадат подобри услови за жителите во Полошкиот Регион. Да им се заблагодарам, се разбира, на советниците што ја поддржуваат овде работата на градоначалникот и на администрацијата, која ги подготвува сите овие работи - рече Мицкоски.
Владата, нагласи премиерот, ќе продолжи и во иднина да финансира проекти во локалната самоуправа.
- Само да потсетам, откако оваа Влада беше избрана во јуни 2024 година - значи цели 27., еве веќе 28. месец сме Влада - повеќе од половина милијарда евра се реалоцирани од централниот буџет кон општините за финансирање проекти, а тоа е нешто што досега во историјата на државата се нема случено - истакна Мицкоски.
Ресорниот министер Ѓоко Велковски истакна дека ќе продолжи трендот за отворање нови детски градинки и во наредниот период. Според него, до крајот на 2028 година треба да заврши изградбата на 37 објекти и ќе бидат ставени во функција на граѓаните.
- Тоа значи дека повеќе од 3.700 дечиња во тој момент ќе бидат дел од детската заштита како дополнителни. Со тоа ќе го надминеме оној проблем што го имаме со години со листите на чекање во Македонија. Министерството за социјална политика, демографија и млади, заедно со оној план што го направивме со локалните самоуправи и директната поддршка од премиерот и Владата, до 2028 година она што го има зацртано како план и активности ќе го реализира во целост.
Градоначалникот Даут Мемиши посочи дека за изградба на објектот и за опремување се вложени 808 илјади евра, од кои најголемиот дел е од Европската Унија.
- Дојде и овој ден - нова градинката, по многу години чекање и процедури, да функционира. Ова е простор во кој ќе растат нашите деца и ќе се направат првите чекори кон знаењето, првите пријателства - истакна градоначалникот на Теарце, Даут Мемиши.
Градинката се наоѓа во населеното место Пршовце и има 12 вработени.
МИА
Ново на Сител
-

„Розев пикник појадок“ за кревање на свеста за ракот на дојка
-

Постојаните осцилации на езерото негативни за живиот свет
-

165 шумски пожари годинава, штетите проценети на 10 милиони евра
-

Каранфилова Пановска: Бараме дополнителни 10 денари за килограм ориз
-

Продолжуваат обвинувањата за набавката на Леонардо хеликоптерите
-

АФД со предност од 10% преку ЦДУ/ЦСУ на федерално ниво
-

Преглед на вестите од светот
-

Урбан Драјв Фестивал на Мото Илинден за поголема безбедност на моторциклистите
