Македонија
9. јуни 2024 - 16:37

Работничките во приватниот сектор се уште се дискриминирани на работните места

Голем број жени не си ги знааат своите работнички права, а оние кои ги знаат, решаваат да молчат. Стравот дека можат да останат без работа е основна причина за непријавување пред надлежните институции, покажале податоците од студијата на Здружението на бизнис жени.

-Врз основа на студијата, секогаш ситуацијата е малку поинаква во приватниот сектор. Се уште имаме ранливи области како што е текстилната индустрија и слично, каде што во последните години гледаме дека ситуацијата малку се подобрила, но сепак постојат кршења на основни човекови права, изјави Елена Блажевска од Здружение на бизнис жени.

Работоничките права се кршат во однос на користење на годишен одмор и мобинг, односно, вознемирување на работното место. За да се надмине овој проблем, работничките треба да бидат подобро информирани.

-Често се среќаваме со почитување само на правата на работодавачот, но не и на правата на работникот, така што ние им ги претставивме сите механизми што им се на располагање на жените и начините како може да процесуираат доколку има кршење на работничко право, изјави Блажевска

Според анализите на здружението, постои голема нерамнотежа на пазарот на трудот на релација маж - жена.  Половина од работоспособните жени не одат на работа, а како единствена причина за тоа ја навеле грижата за семејството.