Рама: Албанија и ако стане членка на ЕУ нема да стави вето на Северна Македонија

Албанија и ако стане членка на Европската Унија нема да го користи правото на вето против Северна Македонија во процесот на европска интеграција, изјавил албанскиот премиер Еди Рама пред учесниците на кампот „RinCamp 2026“ во туристичкото место Јал, на кој има и млади од Македонија.
Одговарајќи на прашањето на студент од Скопје, дали Албанија ќе стави вето на европскиот пат на Македонија, тој нагласил дека отсекогаш бил против употребата на вето во процесот на проширување на Европската Унија, опишувајќи го како механизам што ја попречува интеграцијата и не служи никому.
- Албанија нема вето да му наметне никому и никаде. Албанија има целосен интерес работите во Северна Македонија да се одвиваат што е можно подобро, Албанија има целосен интерес односите меѓу двата формирачки народа во Северна Македонија, а тоа се Албанците и Македонците, да бидат братски односи и да имаат односи на хармоничен соживот. Постигнат е голем напредок. Демократијата не е прошетка по асфалтиран булевар, туку е пат што има кривини и пресврти. Има подеми и падови, има моменти на тешкотии, но што се однесува до нас, ние го сакаме најдоброто за Република Северна Македонија, рекол меѓу другото Рама.
Додал дека отсекогаш бил на мислење дека ветото во евроинтегративиот процесот не му служи никому.
- Тоа се заложнички и во суштина се неконструктивни и не се корисни за приближување на земјите кон ЕУ. Да се наметне вето на патот кон отворање преговори, не е европско, нагласил Рама, објави АТА.
Посочил дека долго време е посветен на нов пристап на Европската Унија кон земјите аспиранти, оценувајќи дека тие треба да бидат вклучени порано во европското донесување одлуки.
- Долго време сум посветен на промовирање различен пристап на ЕУ кон земјите кои сè уште не се членки. Започна процес на промени во оваа насока со новиот План за раст, со дискусиите што се во тек. Верувам дека земјите кои не се членки треба да седнат на масата на ЕУ. Политички, Европа мора да се обедини сега, а потоа секоја земја мора да ја исполни својата должност, смета Рама.
Зборувајќи за положбата на Албанците во регионот, Рама оценил дека тие денеска се во подобра ситуација отколку во кој било друг период од нивната историја и повика на одржување на овој напредок.
МИА
Ново на Сител
-

ДЗС: Артилериска граната тешка 13,6 кг отстранета од плажа на Дојранското Езеро | ФОТО
-

Почина американскиот сенатор Линдзи Греам
-

Во координирана акција на ЦУК и МВР, кај Матка успешно пронајден изгубен романски државјанин
-

Успешна акција за извлекување на тројца планинари од планината Бистрица
-

Деветнаесетти Петровденски планинарски марш
-

Британската полиција приведе маж осомничен за убиството на Видикомб
-

Повторно се разгорува конфликтот на Блиски Исток
-

СП 2026: Норвешка поведе, Белингам донесе победа за Англија
