Македонија
14. March 2022 - 16:32

Рашковски бара судницата да се трансформира во амфитеатар, Русковска вели дека доказите се цврсти

Проектор, табла и студенти по право. Ова го побара поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски на почетокот на судењето во кое тој е обвинет за злоупотреба на функцијата и перење пари. Најави интересен судски предмет за кој вели дека не чуствува вина, а обвинителството немало докази.

„Тоа ви е како да барате црна мачка во темна просторија или мачка која ја нема. За обвинението постои еден израз оксиморон, тоа ви е како да кажете памета будала“, вели Рашковски.

За обвинителството нема дилема дека Рашковски се богател со народни пари. Неговите иновации ги купувал преку владата, а со парите ги полнел сопствената и сметките на неговите деца. Вработувал и хонорарци со единствена работна обврска да му враќаат дел од парите што ги добивале од владата. Така, од државната каса испумпал околу 300 илјади евра, тврди обвинителката Русковска.

Русковска во судница дојде наместо обвинителката Трајчева бидеќи таа се уште го чека својот реизбор. Нејзината шефица не смета дека тоа е казна поради обвинението кое го покрена против Рашковски. Русковска побара при изборот на обвинители свои ингеренции да добијат и шефовите на обвинителствата.

Изборот на обвинители кои ќе гонат криминал и корупција е закажан за четврток. Претходниот обвид пропадна поради немање кворум.