Македонија
10. November 2023 - 16:33

“Разнишани темели“ - Анализа на ЕПИ за извештајот на Европската Комисија

Напредокот на Македонија во Извештајот на Европската Комисија е послаб од лани, покажуваат проценките на Институтот за европска политика. Најзагрижувачки се критиките на ЕУ во областа на правосудството и фундаментални права. Иако во овој кластер минатите три години имавме добар и одреден напредок, оваа година Европската Комисија терминот го замени со – нема напредок.  Но не само Извештајот, немањето напредок во усогласувањето со ЕУ регулативите е проблематично за целокупните преговори.

Иако власта за лошите оценки од ЕУ, вината ја префрла на политичката поларизација во Собранието, сепак според ЕПИ има и други критики и препораки од Европската Комисија кои не зависат од Парламентот.

Добар напредок пак имаме во три поглавја, односно статистика- поради спроведениот попис, слободно движење на капиталот-со усвојувањето на новиот закон за борба против перење пари и финансирање тероризам и надворешни односи.

Според Институтот за европска политика, во овој момент клучен е напредокот во поглавјата што дирекно влијаат на стекнување придобивки од Планот за раст кој го најави ЕУ за земјите од Западен Балкан.

Преку овој план на Македонија треба да и се пренасочат околу една милијарда евра, но и интеграција на земјава во единствениот европски пазар.

Овогодинешниот Извештај на Европската Комисија доби наслов “Разнишани темели” Во однос на подготвеноста за членство, споредено со земјите од Западен Балкан, од Институтот истакнуваат дека сме поподготвени од Србија и Црна Гора.