Македонија
26. November 2023 - 16:43

Реакции по првиот снег кој предизвика хаос на патните правци низ државата

Македонија пат и годинава не е спремна за чистење на патиштата од снежни врнежи, обвинија утрово од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение испратено до медиумите. Во него е наведено дека со СДСМ на власт ни во доцна есен и зима, јавното претпријатие не било спремно да се соочи со проблемите. Опозициската партија побара и оставка од директорот Костадин Ацевски. 

Половина Македонија беше затрупана од првите снежни врнежи за оваа година, затоа што „Македонија пат“, како 6 години до сега со СДС на власт ни во доцна есен и зима не е спремна за чистење на патиштата од снежни врнежи.

- Десетици граѓани вчера беа заглавени по патиштата, а Стража и Маврово беа целосно непроодни. А, само пред неколку дена Ацевски на социјалните мрежи ја опиша состојбата со снежните врнежи како забава која може да започне. Додека тој се забавува, народот седи заглавен во своите возила на патиштата низ државата, затоа мора да има одговорност. Оставка веднаш, стои во партиското соопштение испратено до медиумите, се наведува во партиската реакција.

Одржувањето на патиштата особено во зимски услови претставува еден комплексен систем, дециден е директорот на Македонија пат, Ацевски. Тој во изјава за Сител вели дека доколку другите алки во системот ја детектираат одговорноста во институцијата со која раководи тогаш, би си дал оставка веднаш.

„Меѓутоа во донесувањето на оставка само за задоволување на желбите на опозицијата или за дневно ситни политички поени мислам дека во моментов не е нешто што би ја подобрило состојбата и во Македонија Пат и во државата од аспект на одржување на патиштата, и во зимски и во летни услови, изјави Ацевски за Сител ТВ.

Вчерашниот снег во Македонија предизвика хаос на патните правци низ државата. Граѓани со часови беа заглавени во своите автомобилите, чекајќи да се одблокира сообраќајот па да стигнат до посакуваната дестинација. Последиците се чувствуваат и денеска. Жители од село Ранковце во телефонски разговор за Сител  се пожалија на непроодни правци и немање на струја, како последица од снегот. Информацијата ја потврди и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, но посочи дека било надлежност на општините да ги исчистат улиците и да ги направат патиштата проодни во овие села.

Вкупно 2.037 повици за итни случаи регистрирал Центарот за управување со кризи (ЦУК) во изминатото деноноќие, што е речиси двојно повеќе од претходниот ден.

Ангелов порача дека иако снегот бил најавуван подолго време, не ги изненадил само институциите, туку и граѓаните. Посочи дека проблемите кои се случиле на патните правци, биле поради тоа што голем дел од граѓаните и професионалните возачи не ги опремиле возилата со зимска опрема.

Инаку, Македонија пат зимата ќе ја турка со 67 специјални возила, опремени за чистење на снег, распоредени на 37 пунктови низ целата држава. Од нив, 20 возила се стари над пет години, а останатите се постари од 30 години.