Македонија
1. September 2024 - 16:34

Реакција на Ѓоргиев за ставовите на Ѓорчев

Составот на мешовитата историско-образовна комисија беше направен без никакво влијание на политиката, вели македонскиот копретседавач на Комисијата, Драги Ѓоргиев во реакција на вчерашното интервју на поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев во „Тема на денот“ на Сител.

Ова доаѓа откако Ѓорчев, најавеното менување на членовите на Комисијата го оправда велејќи дека таму треба да членуваат луѓе кои ќе добијат поддршка од академската заедница.

Ѓоргиев вели, членовите на комисијата доаѓаат од МАНУ, УКИМ, Институтот за национална историја и други високообразовни научни институции.

- Тоа се историчари, антрополози и политолози. Откако беше избран составот, тој беше потврден од страна на Министерството за надворешни работи и Владата без никаква интервенција или сугерирање. За потсетување, во изборот на првиот состав на Комисијата беа вклучени и професорите Александар Литовски и Ванчо Ѓорѓиев за кои тој има позитивно мислење. Дали тоа значи дека и тие луѓе во 2018 г. биле политички подобни на владата на СДСМ штом биле избрани на начин како што тврди Ѓорчев? , вели Ѓоргиев.

Поранешниот амбасадор во Софија вчера кажа дека сегашниот состав на Комисијата нема поддршка од научната фела.

-Минатиот избор на членовите на Комисијата беше извршен чисто преку еден вид политичка ферментација. Преку потребите на политиката. Мислам дека таа мешовита историско-образовна комисија треба да има, пред се, поддршка од научната фела. Треба да има поддршка, од моја гледна точка, од МАНУ, од УКИМ, од сите научни тела, Институти за македонски јазик, за македонска историја, видните професори на УКИМ за историја, за антропологија, археологоија, луѓе кои нешто значат во Македонија, Европа и пошироко, вели Ѓорчев.

Ѓорчев вчера во интервјуто за Сител кажа и дека двајца членови ја напуштиле Комисијата од засега нејасни причини.

-Еден професор Литовски којшто е експерт за Народно-ослободителната борба којшто беше сменет од не знам од кои причини, точно кога почна да се дискутиа за тоа како да се третираат 41-ва и 44-та. Литовски беше сменет, човекот е експерт за Народно-ослободителната борба. Ако за тие луѓе, професор Литовски стои македонската наука, ако зад професорот Ванчо Ѓоргиевски стои УКИМ, ако стојат научните тела, тие оттаму треба да бидат предложени, а не политичарите да одбираат Тип 1, тип 2, вели Ѓорчев.

Ко-претседавачот на Комисијата тврди, Комисијата никогаш не разговарала за Народноослободителната борба. А ниту еден член на Комисијата не бил под никаков притисок да носи одлуки или да постапува по насока на сега веќе поранешната власт.

Причината за неговата смена колку што ни е познато, е неодговорното однесување на Александар Литовски поврзано со склучениот договор со МНР позади што стојат финансиски причини. За ова прашање ги повикуваме новинарите дополнително да побараат информации од службите во МНР и Владата со цел точно информирање на јавноста. Што се однесува до оставката на Ванчо Ѓоргиев, кој ја напушти Комисијата во периодот помеѓу двата круга на локалните избори во октомври 2021 г., тој тогаш наведе други причини, неаргументирано обвинувајќи двајца свои колеги од Комисијата, а не дека му било вршено притисок од МНР, вели Ѓоргиев.

За идејата на Ѓорчев, членовите да имаат поддршка од фелата, Ѓоргиев вели дека тој не ги разбира работите. Според него, не може да се очекува целосна поддршка зашто секогаш ќе има луѓе кои имаат различни ставови. Доколку сите професори имаат исто мислење, според Ѓоргиев, тогаш државата е на добар пат на авторитарност.