Регионот само со заеднички сили може да се справи со природните катастрофи
Над 70% од природните катастрофи што го погодуваат светот се поплавите и ураганите. Исклучок од тоа не е ниту Македонија која во последниот период многу често се соочува со поплави. Во последните 20 години катастрофите поврзани со климатските промени на глобално ниво растат и не познаваат граници, затоа е потребен координиран одговор и силна прекугранична соработка. Ова е само еден од заклучоците од работилницата одржана во Струмица на тема,, „Намалување на ризиците од катастрофи и градење мрежа за урбана отпорност во Југоисточна Европа“.
,,Самиот проект е конципиран на тој начин што ги споделуваме најдобрите искуства во целиот регион, оригинално заснован на полавите од 2014 година кога сфативме дека ниту една од нашите држави во регионот неможе сама да ги реши сите свои проблеми. Најлесно кажано, во случај на катастрофа комшијата најдобро му помага на комшијата. Сите наши катастрофи, сите опасности во регионот се прекугранични и по прашањето на полавите и пожарите и затоа нашиот одговор мора да биде единствен.,, вели КРУНО КАТИЌ – РАКОВОДИТЕЛ НА ПРОЕКТОТ ЗА ГРАДЕЊЕ УРБАНА ОТПОРНОСТ ВО ЈИ
Регионалната соработка е потребна и во управувањето со урбаните ризици бидејќи нерамномерната распределба на луѓето во градовите и руралните средини, бара јакнење на капацитетите и унапредување на соработката меѓу градовите во регионот во справување со природните катастрофи.
,,Имаме многу голем пораст на урбанизацијата. До 2050 година се очекува 60% од вкупното население да живее во градовите, а бројот на жителите во селата се намалува. Иста е ситуацијата и во Македонија, мнозинството од населението живее во Скопје , а со самото тоа растат и ризиците од катастрофи.,, вели КАТИЌ
На состанокот на кој учествуваа претставници на 10-те општини од Југоисточниот регион и од сите надлежни национални институции беше истакнато дека во Македонија треба да се подобри планирањето во справувањето со катастрофите, кое засега останува слаба страна на системот за реакција.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
