Македонија
30. September 2026 - 16:35

Реконструиран студентскиот дом „Стив Наумов“, 1.150 студенти добиваат современи услови за живеење

Наместо да мислат дали ќе имаат топла вода, дали протекува кровот или во собата има влага, 1.150 студенти отсега треба да имаат само една грижа – учењето. По целосната реконструкција, студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда денеска беше официјално отворен, овојпат како енергетски ефикасен објект со услови што надлежните ги опишуваат како европски.

„Делумно изградени во 1964, а делумно во 90-тите години, овие објекти беа навистина во незавидна ситуација. Имаше субстандардни услови, но денес имаме енергетски ефикасен студентски дом кој исполнува европски стандарди“, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

„Сакам само еден апел да упатам до студентите: да го зачуваме овој дом за да може да ги користат придобивките од оваа инвестиција како тие, така и идните генерации студенти што доаѓаат да бидат сместени во овој дом“, изјави директорот на Државниот студентски центар – Скопје, Александар Каровски.

За околу месец и пол ќе се отвори уште еден целосно реконструиран студентски дом – „Кузман Јосифовски - Питу“ во Центар, кој ќе обезбеди уште 280 места за студентите.

За овие два дома, се вложени 20 милиони евра, а финансиската конструкција е креирана од страна на Владата, на Германската развојна банка и Европската унија.

„Многу поживо се сеќавам на моментот кога првпат стигнав во студентскиот дом отколку на првото предавање. Оттаму можам да заклучам дека навистина околината во која живееме е многу важна и има големо влијание врз квалитетот што го восприемаме“, кажа Германската амбасадорка, Петра Дрекслер.

„Ова е зелена инвестиција којашто ќе придонесе за тоа да се намалат CO2 емисиите и којашто е инвестиција и во нашата иднина“, истакна амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.

Оваа инвестиција е дел од поширока програма која предвидува реконструкција на 9 државни студентски домови, 6 училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден ученички дом.

Вкупната инвестиција ќе чини 86 милиони евра, од кои 60 се заем од Германската развојна банка, 22 милиони се неповратни грантови од ЕУ и околу 4 милиони евра се од буџетот на Министерството за образование.