Македонија
15. October 2020 - 16:49

Рекорден број решенија за изолација во последните два дена, рестриктивни мерки не се во план

Како расте бројот на новозаразени со коронавирус така се зголемува бројот на лица кои одат во изолација. Само од вторникот до вчера ДСЗИ издал 1744 решенија за позитивни на Ковид-19 и нивни контакти. Наредните 2 недели дома мора да седат дури 815 скопјани. Епидемиолозите сеуште ги обработуваат вчерашните 445 случаи. По што бројката на лица во изолација значително ќе порасне, велат од Центрите за јавно здравје. Од друга страна според епидемиолозите голем број инфицирани граѓани посебно во главниот град не ги кажувале контактите.

-ДСЗИ ќе издаде решение на она лице кое било во контакт со позитивни лице само по известување и по направена епидемиолошка анкета од ЦЈЗ, вели за Сител д-р Ирина сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Од МВР информираа дека во моментот полициски службеници контролираат 5690 лица кои се во изолација и уште 40 кои после контакт со заразен решиле сами да се изолираат. Оваа недела во 4 случаи е забележано непочитување на мерката, односно 3 жители на Битола и еден на Прилеп не биле затекнати на посочената адресата каде треба да бидат во изолација.

-Во периодот немаме зголемен број на лица кои ја прекршиле ова мерка. За сите кои ја прекршуваат се поднесува соодветна кривична пријава во соработка со обвинителството, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Во меѓувреме ДСЗИ подготвува и нов список трет по ред, за јавно објавување на имињата на лица кои одбиле да примат решение за изолација.