Македонија
10. February 2023 - 16:34

Ревизорите со сериозни забелешки за работењето на Фондот за здравство

Фондот за здравствено осигурување потфрлил во трошењето пари на осигурениците.

Последниот извештај на Државниот завод за ревизија кој се однесува на 2021та, покажал низа слабости во финансиското работење на фондот.. Породилно се исплаќало иако родилките се вратиле на работа, неконтролирано издавање лекови и пропусти во постапките за лекување во странство се само дел од забелешките на ревизорите. Сметаат дека фондот не бил објективен во финансиските извештаи, а Заводот за ревизија се сомнева и во точноста на документите.

„Поради невоспоставени контроли, исплатувани се надоместоци за боелдување и кога осигурениците остварувале плата. Слабости во контролите при препишување и издавање лекови“ се дел од клучните утврдени состојби на ревизорите.

Како најголеми слабости, ревизија ги посочила милионските суми потрошени за тестови за КОВИД и драстичниот пад на услуги кои ги оствариле здравствените установи.

„За три години, од граѓаните во приватното здравство, само за ПСР тестови, се прелеани најмалку 19,9 милиони евра. Во 2021 реализиран е значајно помал обем на услуги од договорениот надоместок, поради што 106 од вкупно 116 ЈЗУ имаат добиено статус на неодржливи“, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле слабости и во работењето на компјутерскиот систем на Фондот.. Забелешката доаѓа во време кога речиси цела недела тој е мета на сајбер напади поради што неколку денови осигурениците не можеа да остварат дел од здравствените услуги.